ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

/, Литература, Блесок бр. 119/ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

Препорака за превод: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН


Не мозокот, не разумот, не интелигенцијата, не образованието, не книжевната верзираност,.. само и единствено срцето.

  • Шафранот е најскапиот зачин на светот – романот на Рој е од најскапите книжевни писма кои ги наоѓате или не ги наоѓате никогаш во својот читателски живот.
  • Шафранот има интензивен мирис и арома на мед, благо горчлив вкус и неодоливо потсетува на индиските сосови – романот на Рој е ретка книжевна храна, скапоцен книжевен парфем.
  • Шафранот е и лек, докажан поттикнувач на имунитетот, седатив и стимулант, ама и афродизијак – романот на Рој ве оцврстува, ве смирува и чудесно плотно ве оживува.
  • Квалитетот на шафранот се одредува според моќта за боење на храната или на сѐ околу него – квалитетот на романот на Рој се одредува според моќта да се наметне над книгите кои сте ги читале или кои допрва ќе ги читате.

Најпознатиот и најреткиот шафран е оној од Кашмир, реалниот и фикциски топос на овој чудесен роман. Кај писател од форматот на Арундати Рој, романот за Кашмир мора да биде во боја на најтипичното за Кашмир – шафранот. Стотиците вакви семантички лизгалки го забрзуваат читањето на оваа епска приказна и го прават колку возбудливо, толку и ризично. Возбудливо, затоа што читате екстензивна проза како да е поезија и не знаете што точно ви се случува; ризично, затоа што можете да паднете и да си го искршите интересот пред сосем да го задоволите во текстот усвитен од дваесетгодишно пишувачко полирање. Толку е очигледно дека романот е пишуван предолго, напати е пренапишан, но… она што е импозантно, рецепцијата му е слоевита, веројатно на идентичен начин како што било слоевито и пишувањето. Како првин да биле ставани само зборови, потоа биле боени, па им се внушувале вкус и мирис, па сѐ се раскрвавувало во наредната фаза, се засушувало, се исцелувало или му се подлегнувало. Како дваесет години да е допишувано и натпишувано на одамна готови реченици. Полирање до усвитување. До блесок пред кој подзамижува читателското око. Епска проза доведена до интимна лирика.

5.
Иако се претерани предрасудите за јазот помеѓу епиката и лириката; помеѓу писателите и поетите, сепак не е пречесто и превообичаено епска проза од ваков формат да звучи, да се чита и да се доживува како поезија; епска проза да се доведе до интимна лирика, како што е случајот кај Арундати Рој. Нејзините моќни епски реченици како константно да се претоварени со најпрефинета лирика, па длабоко издишувајќи се, внимателно го растовараат багажот на нежноста низ приказната на секое скровито местенце и продолжуваат, продолжуваат,.. не обѕирајќи се ниту по своите, ниту по чувствата на затекнатите читатели. Ако нешто е совршено исконтролирано и дозирано во овој исклучителен роман, тоа е дозата на најпрефинета патетика од најскапоцен, кралски вид. Сакам писатели кои умеат со патетиката, кои не ѝ се плашат и не бегаат од неа, зашто не постои повозбудлива и поопасна книжевна борба од онаа помеѓу нив и патетиката. Со патетиката треба да се војува пишувајќи ја, не поништувајќи ја. Треба да се биде нејзин крал, не поданик; кралица, не поданичка. Да ѝ се приближуваме најмногу што можеме без да нѐ убие. Да сме ѝ до гркланот – миг пред да нѐ голтне; на нишанот – пред да нѐ застрела; да сме ѝ на бесилката – миг пред да го шутне столчето под нашите нозе. Ризикот е огромен, писател кој не е подготвен, не треба ниту да ѝ се приближува. Патетиката е најубавиот свилен чорап на љубовта, на чувствата, ама скинат. Ако го крпиме – грдо е и одбивно… Задачата на врвната книжевност е да не се откажува од свилата, туку така да го „облекува“ чорапот на љубовта, на чувствата што да не се гледа скинатото.

АвторОливера Ќорвезироска
ПреводКалина Малеска
2018-09-25T09:22:02+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 119|