ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

/, Литература, Блесок бр. 119/ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

Препорака за превод: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН


Во случајот на економичната, но моќна карактeризација на уште еден лик во романот – Садам Хусеин, постапката е само дуплирана. Првата карактеризација е ономастичка – ликот се вика Садам Хусеин!, втората е дека мора постојано да носи очила за сонце, зашто некогаш одамна трајно си ги оштетил очите од отсјајот на скулптурите на најдобриот индиски уметник. Оваа удвоена карактеризација е толку необична, навидум шкрта, а всушност бескрајно штедра, што нуди неограничени можности за дополнителни карактерни и емоционални нијанси. Во неа има поетичност, метафора, иронија… сето тоа заедно во името на ликот и во она што стои „зад“ неговите задолжителни очила за сонце. Садам Хусеин како лик е многу повеќе и од името и од очилата, тој е доста развиен и „сработен“ во романот, но, впрочем, ни Анџум не е само имањето два гласа („кои се караат“), туку исклучително комплексен лик кој постои во приказната и кога долго отсуствува од неа, затоа што Арундати Рој нѐ води така постојано да го чекаме да се појави. Повеќе од 150 страници подробно ни раскажуваaт за Анџум и потоа, започнува навидум сосем нова приказна, во друго социјално и интелектуално милје. И тоа трае долго, долго… додека да се спојат, додека да видиме дека сето време се раскажува огромно и страшно, можеби недоволно компактно, но сепак Едно.

4.
Многу нешта во новиот роман на Арундати Рој имаат боја на шафран. Сарито на убава или на неубава жена, на жена или на не-сосем-жена, домашниот текстил, ѕидовите, небото, мислите,.. цели предели… Кога една боја се повторува низ текстот ни пречесто, за да не биде пренаметлива како порака; ни преретко – за да не се ризикува дека тоа можеби и нема да биде забележано/ дека таа (бојата) можеби и нема да биде забележана, туку точно толку пати и со таква фреквенција што да биде остварен еден брз и лесен „пад“ на лизгавата семантика и на уште полизгавата раскажувачка намера, читателот првин се навикнува на бојата, потоа потсвесно ја раствора во зборовите и полека и сесрдно со неа почнува да го бои целиот текст/романот што го чита. Што значи боење на текстот? Тоа е пресликување на „нијансата“ на пишувањето врз „нијансата“ начитањето. Иако бојата опишана со збор спаѓа во наративните (а не во колоритните!) рецептивни јамки околу вратот на читателот, таа спонтано го зафаќа видливото, за сметка на претпоставеното и станува чиста старогрчка „хрома“. На шафран, на пример:

  • специфично црвена со точно одредена доза на жолто со себе, толку што да не биде портокалова, туку да остане шафран-црвена;
  • специфично црвена како разлеана, подисушена крв;
  • специфично црвена како пребрзо здивена и пребрзо папсана страст;
  • специфичнo црвена како војна, како љубов, како правда и како неправда…

Ваквата раскажувачка постапка која поттикнува на двојно боење на текстот (и од пишувачот и од читачот) е мала скришна петлица со која и најпребирливиот читател може да се запетла за текстот. Постапката (а и петлицата) може да се именува како хроматична нарација иликако наративна хроматика. Бидејќи восприемањето на бојата (исто како и восприемањето на текстот) е процес што истовремено се одвива и во окото и во мозокот, многу романи остануваат во нашата меморија како точно определена боја; како да се случувале на точно определена позадина, на точно определен колоритен фон. Новиот роман на Арундати Рој е роман во боја на шафран. Се разбира, ништо во романите, а особено не во романите на Рој, не е случајно. Оттаму и шафранот е токму нијансата, вкусот, симболиката и суштината на она што сака да ни се раскаже, да ни се вбризга во срцето. Токму во срцето, затоа што ова книжевно писмо од сите органи на читателот го преферира и го напаѓа директно него.

АвторОливера Ќорвезироска
ПреводКалина Малеска
2018-09-25T09:22:02+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 119|