Тренирање интеркултурално

/, Блесок бр. 09, Театар/Филм/Тренирање интеркултурално

Тренирање интеркултурално

Заради што е тренирањето? Имам во предвид пет функции што не секогаш егзистираат одделно. Тие се преклопуваат. Во Северна Америка ги тренираме изведувачите за да можат да интерпретираат драмски текст. Тоа е Евро-Американска културна потреба. За оваа работа на интерпретирање разновидност на текстови, од многу периоди, со разновидни стилови, потребни се флексибилни изведувачи, луѓе кои можат да го играат еден ден Хамлет, друг ден Гого, следниот ден Вили Ломан. Ваквото тренирање значи дека изведувачот не е примарниот автор или чувар на текстот. Тој е пренесувач. И ние сакаме пренесувачот да е транспарентен, колку што е можно почист.
Втората функција на тренирањето е да го направи изведувачот преносител на „текстот на изведбата“ (текст на перформансата). Текстот на изведбата е еден цел мулти-канален процес на комуникација што создава перфомативен акт. Во некои култури, Бали, Јапонија, на пример, поимот текст на перфомансата е многу јасен. Но Драмата не егзистира како пакет на зборови кои потоа се интерпретираат од страна актерите. Но Драмата егзистира како група на зборови неоткинливо вткаени во музиката, гестот, танцот, методите на рецитирање и костимирање. На Но треба да гледаме не како на реализирање на пишан текст, туку како на целосен текст на перформанса, каде што во делови на перформансата невербалните компоненти се доминантни.
Овие текстови на перформанса – Но, Катакали во Индија, класичен балет, – егзистираат повеќе како мрежа на однесување отколку како вербални комуникации. Не е возможно да се преведе текстот на перформансата во пишан текст. Сите обиди на „бележење“ можат да бидат само делумно успешни. Тренирањето за пренесување на текстот на перформансата е фундаментално различно од тренирањето за интерпретација на драмските текстови.
Третата функција на тренирањето – не толку добро позната во Евро-Америчката култура, но добро позната во Домородна Америка, Јапонија и во други места, – е зачувувањето на тајното знаење. Методите на перформирање се од вредност и припаѓаат на одделни фамилии и групи кои внимателно ги чуваат нивните тајни. Да се биде избран за тренирање е да се добие пристап до езотерично, моќно, внимателно чувано знаење. Ова и дава моќ на изведбата. Тренирањето е знаење, знаењето е моќ. Тренирањњето е врска со минатото, со другите светови на реалноста, со иднината, и пристапот до знаењето за перфомансата, за човекот е и специјална привилегија и опасен ризик. Тоа не се рекламира, не се нуди на продажба по школите ниту слободно се пишува за него во книгите.
Тоа е начинот на кој работат шаманите. За шаманите знаењето за перформансата не е за тоа како да се забавува, иако забавувањето не се обесхрабрува, туку се надминува за да се стигне до јадрото на културата. Шаманот е изведувач чија што личност и задачи го ставаат на ивиците или маргините, но чие што знаење го лоцира во центарот. Секогаш постои таа страшна тензија помеѓу центрифугалното и центрипеталното. Софоклевиот Филоктет е еден вид шаман – за да има корист од неговата стрела општеството мора да се носи со неговата смрдлива рана.
Првите две функции на тренирањето – интерпретирањето на драмскиот текст и пренесувањето на текстот на перформансата – можат да бидат апстрахирани и енкодирани, но третиот – учењето на тајните – можат да бидат здобиени само преку „човек на човек“. Тоа е најинтимен процес.
Четвртата функција на тренирањето е да им се помогне на изведувачите да постигнат само-изразност. Тоа е израсток на индивидуализмот. Овој вид на тренирање се специјализира во извлекување на внатрешното надвор – повеќе се занимава со психологија отколку со однесување. Овој вид на тренирање е видлив во работата на Гротовски, Станиславски и на Актер Студио. Личната експресија е густо вткаена во интерпретацијата на драмските текстови. Затоа го имаме Хамлет на Оливиер, на Бартон, на Брандо, на Лангел, а не Хамлет на Англија, Америка или на Канада. Изведувачот доаѓа низ улогата. Овој вид на изведувач не додава на ниту ја менува поставената улога, туку се покажува себе во и низ улогата. Изведувачот има попотполна власт над реалноста отколку улогата.
Улогата егзистира повеќе како драмски отколку како текст на перформансата. Личната експресија на изведувачот е на некој начин испреплетена со интерпретацијата на пишаниот текст. Текстот се здобива со забележлив личен вкус. И поради тоа публиката го ужива и чувството на колективен акт и партиципацијата во личното откривање.
Петтата функција на тренирањето е формирањето на групи. Во култура, индивидуалистичка, како евро-американската, тренирањето е потрено за да се надмине индивидуализмот. Да се работи заедно, во група бара интезивен тренинг. Групната експресија со индивидуални варијации е норма во Јапонија и Индија. Во Евро-Америка мора да биде научена. Интеркултурално има два вида на групно тренирање. Во индивидуалистичките култури групите се формираат за да застанат против струјата на главнината. Во културите со традиција на колективни изведби групата е главната струја. Групата е или биолошка или социолошка. Нејзините спони се многу цврсти. И нејзиниот водач е „таткото“ или „мајката“ кој ги учи децата. Групите ги користат најцврстите односи на верност и лојалност што ги нуди културата. Затоа евро-американските групи наликуваат понекогаш на фамилии, религии или политички партии.
А сега допуштете ми да ги сумирам овие пет функции на тренирањето:
1. Интерпретација на драмскиот текст
2. Пренесување на текстот на перформансата
3. Пренесување на тајните
4. Само изразност
5. Формирање групи

Овој текст на Ричард Шехнер е извадок од негово предавање на Универзитетот во Торонто, Канада, во 1981. Последователно проширен, публикуван е како Изведувачот: тренирање интеркултурално во Помеѓу театар и антропологија (Универзитет на Пенсилванија 1985).

Превод од англиски: Катарина Ципушева

АвторРичард Шехнер
2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Теорија, Блесок бр. 09, Театар/Филм|