Словенскиот ковчег

/, Блесок бр. 09, Театар/Филм/Словенскиот ковчег

Словенскиот ковчег


Сцена 1
Сцена 2
Сцена 3
Сцена 4
Сцена 5

(Некогашната соба на Бела во нејзината куќа. На креветот лежи Цеца. Влегува Кука со две-три штици под мишка. Пијан е. Пуши. Таа не му посветува внимание, гледа ТВ.)
КУКА: Кај си денес на работа?
ЦЕЦА: Не сакам да работам кај тебе. Бела ми праќа пари.
КУКА: Судот тоа не го признава. Ако не работиш, ќе мораш во дом за сираци. Малолетна си, немаш роднини.
ЦЕЦА: Не бери гајле за мене.
КУКА: Знаеш кој е дојден?
ЦЕЦА: Не.
(Цеца пали цигара. Рацете ѝ треперат.)
КУКА: Го сакаш уште, нели? Рацете ти треперат. (Ненадејно ја граби за коса.) Станувај, да ти ебам мртву мајку!
ЦЕЦА: Не ме малтретирај, знаеш? Ќе викам милиција. Што ми пцуеш мајка бе, педер еден!?
КУКА: (Вади мобилен телефон од појасот) На, викај. Милицијата е моја. Бидејќи сега немам мајка, решив милицијата да ми биде мајка.
(Цеца го гледа исплашено.)
КУКА: Што ме гледаш ко муслиман икона? Од таму идам. Средив за дозволи. Кожи преку граница, без царина. Фифти-фифти. Ајде, ѕвони им. Кажи им дека сакаш во дом.
(Цеца му го враќа телефонот, гледајќи збунето во него. Кука го зема.)
КУКА: Паметно. Немој да ги будиш луѓето, ниедно време е. Ајде, станувај.
ЦЕЦА: Зошто?
КУКА: Не е сигурно да спиеш овде. Има прозорец.
ЦЕЦА: Ти ќе ми кажеш каде да спијам?
КУКА: (Ја граби за коса.) Станувај!
ЦЕЦА: Пушти ме, ќе му кажам на Темо!
КУКА: (Пак ѝ го подава телефонот.) На, кажи му. Темо ми е татко. А бидејќи милицијата ми е мајка, на Темо му паѓа жена.
(Цеца пак го враќа телефонот.)
КУКА: Зошто стоеше на пенџере?
ЦЕЦА: Кога?
КУКА: Не прави се наудрена!
ЦЕЦА: Пред малку? Гледав како врне.
КУКА: Не продавај ми романтика. Држеше шамиче во раката.
ЦЕЦА: Плачев!
КУКА: (Пак ја граби за коса.) Не плачеше. Даваше знаци некому. На Кукла, нели?
ЦЕЦА: Кука, не ти е добро!
КУКА: Ама тебе ти е арно! (Ја отфрла од себе.) Пу! А цел град чека свадба.
ЦЕЦА: Каква свадба, бре? Ти не си ми ништо, Кука, разбираш? Не те сакам, не сум те сакала. Немаш зошто да се грижиш за мене.

КУКА: А вчера?
ЦЕЦА: Што вчера?
КУКА: Тропав а не отвори.
ЦЕЦА: Се туширав. Ушите ми беа полни сапуница.
КУКА: А утробата? Со што ти беше полна утробата?! (Од под маица вади чекан.) Знаеш што е ова? Ова е чекан.
ЦЕЦА: Пијан си?!
КУКА: (Тргнува кон прозорецот) Пијан сум, ама ќе го заковам. Бел ден нема да видиш. Кука не е луд. Цел град знае дека Кука е газда, а ти правиш од мене будала!
(Кова лудачки попречни штици на прозорецот и пее.)
КУКА: Ѕида паша девојка,
во темел на ќуприја.
Ни ѕирка ни проѕирка
за вода и понада.
Бела бела девојка,
црна пие темница,
се стори гасеница.

(Цеца плаче клекната на колена. Кука вади јаже и ја врзува за глуждот на ногата а другиот крај од јажето го врзува за креветот.)
ЦЕЦА: Јас не сум Бела! Јас сум Цеца!
КУКА: (Не ја слуша.) Така. Врзана си за креветчево. Сега ќе ти ставам и појас за невиност. Сакаш да те заклучам во појасче за невиност? А клучот ќе го голтнам! Ам!
(Вади пејџер и ѝ го закачува на појасот. Потем оди до телефонот и ѝ го принесува. Го спушта крај нејзините нозе. Го зема будилникот и го спушта исто така крај нозете.)
КУКА: Еве ти телефонче, крај ноџињата. Еве ти и саатче. Ќе ми оставаш порака на пејџер. На десет минути. Гледај секоја да биде различна стилски. А по содржина иста: кажи дека ме сакаш, или така нешто. Ако не се јавуваш на десет минути, ќе дојдам и со чеканчево ќе ти ги здробам ноџињата. Ако ти дојде некој тајно глеј да свршиш работа за десет минути. Ќе се јавувам по телефон на секој твој повик. Гледај да не бидеш задишана кога ќе се јавам.
(Тргнува да излезе. На влезот се врти уште еднаш)
КУКА: Пу!
(Кука излегува. Цеца плаче.)

2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Текст, Блесок бр. 09, Театар/Филм|