Словенскиот ковчег

/, Блесок бр. 09, Театар/Филм/Словенскиот ковчег

Словенскиот ковчег


Сцена 1
Сцена 2
Сцена 3
Сцена 4
Сцена 5

(Градина со јаболкница. Стеблото е пресечено на половина. Полноќ. Кукла седи на куферот до пресеченото стебло. Пие од едно шише. На светлината од месечината се појавува Цеца.)

КУКЛА: Цецо!?
ЦЕЦА: Значи, добро видов.
(Кукла станува, ја прегрнува. Цеца трепери.)
КУКЛА: Студено ти е?
(Го вади мантилот, ѝ го дава.)
ЦЕЦА: Мене цел живот ми е студено. Ама ти сега гледаш. Порасната сум?
КУКЛА: Си.
ЦЕЦА: Сега тоа ништо не ми значи. Тогаш сакав да бидам сестра ми. Сакав со мене да правиш сенки, не со неа. (Пауза) Еднаш Бела се разболе. Те прашав да ја заменам на пробата. Рече не можам да играм девојка оти немам цицки. Плачев цела ноќ, Кукла. (Пауза) Зошто е така во животот? Немаш цицки кога ти требаат. Ти растат кога веќе не ти се важни?
(Цеца вади врзулче од џебот.)
ЦЕЦА: Еве ти адреса.
КУКЛА: Виена? Што прави таму?
ЦЕЦА: (Завидливо) Шета. По модни писти. Пиша дека вози кабриолет. Гревче, нема покрив над главата!
КУКЛА: (Седнува) Зошто замина?
ЦЕЦА: Кога те затворија, дојде еден згоден тип од Виена кај Темо. Моден креатор. Запад лудувал по наша кожа. Му остави куп пари на Темо и му рече да најде локација за кожарница. Темо излезе од војна болница. Не е веќе психијатар. А Кука доби кафана.
КУКЛА: Зошто не ми пиша?
ЦЕЦА: Кога ти пишав за детето ништо не ми одговори.
КУКЛА: Што да ти одговорам?
ЦЕЦА: Ќе пукнам ако е твое. Сакам дете со твои очи.
(Ја прегрнува.)

ЦЕЦА: Го роди и го фрли. Пред врата кај мајка ти Цвета. И отиде кај Змија. Гуска една!
КУКЛА: Кој Змија?
ЦЕЦА: Тој од Виена. Змија го викаат.
КУКЛА: Со кој друг била?
ЦЕЦА: Бакни ме во образ па ќе ти кажам.
(Кукла ја бакнува. Цеца гледа во нивните сенки. Се насмевнува тажно.)
ЦЕЦА: Се бакнувам со сенка.
(Пауза.)
ЦЕЦА: Со Темо.
КУКЛА: Кој Темо?! Татко му на Кука?
ЦЕЦА: Бела не спие со тие што ги сака.
КУКЛА: Не разбирам.
ЦЕЦА: Самоубијците кои немаат храброст да си свирнат куршум, се убиваат со неумерен секс. Со тие што не ги сакаат. Немаш зошто да се убиеш пред некој што го сакаш.
КУКЛА: Бела не пробала да се убие.
ЦЕЦА: Уживаше да си повредува зараснати рани. Само што ќе ѝ фати кора раната, ќе почне да ја откорнува.
КУКЛА: Кука знае за Темо?
ЦЕЦА: Не. И да знае, не смее да му писне. Ќе му ја земе кафаната.
КУКЛА: (Сомничаво.) Темо никогаш не се соблекол ни по кратки панталони поради ногата.
ЦЕЦА: Аман бе Кукла. Толку си класичен? Па зар мора да се соблече? Има шлиц за тие работи. (Пауза.) Ама ова било класично.
КУКЛА: Класично?
ЦЕЦА: Со соблекување. Прашај ја Бела што има Темо тетовирано на ќопавата нога.
КУКЛА: Што?
ЦЕЦА: Змија. Ми рече: „Да видиш Цецо што има Темо тетовирано на ногата“. „Фала“, ѝ реков, „не сакам да видам. Види ти ако те интересира“. „Веќе видов“, рече.
(Скрцкува гранка во близина. Цеца срипува.)
ЦЕЦА: Кука! Ќе ме убие ако ме види!
(Цеца бега. На чистинката излегува Кука.)
КУКЛА: (Покажува на јаболкницата.) Кој ја исече?
КУКА: Татко ти Арсо. Да не ни текне пак да се збираме и занесуваме. (Плука
на земја.)
Кажи што имаш да кажеш, свршеницата ме чека дома.
КУКЛА: Ќе се жениш? Со кого?
КУКА: Со Цеца. Работи кај мене.
КУКЛА: Паметно. Ќе одите со една кола на работа. (Пауза.) Ти си луд. Сакаш една, а се жениш со другата сестра?
(Кука пламнува, го фаќа за врат.)
КУКЛА: Што ти е, бре?
КУКА: Што ми е?! Знаеш дека мајка ми се обеси? Не знаеш. А знаеш каде? Не знаеш. На јаболкницава.
КУКЛА: Зошто?!
КУКА: Оти полуде.
(Пауза. Се гледаат во очи. Кука ги спушта рацете од вратот на Кукла.)
КУКА: Не сум јас луд. Ова дрво е проклето. Под него почна и она со сенките.
(Пауза.)
КУКА: Страв ми е да заспијам, Кукла. Ноќе слушам глас. Повторува: Темо син ти, Темо син ти, Темо син ти? И потем се смее. Што син му на Темо, велам, што? Дознав дека и некој мој дедо полудел. Јас ли сум следниот? Наследно ли е, Кукла? (Пауза.) Сакам да си одиш од мојот живот. Ти си уште луд. Ќе ти дадам пари, само оди си. Од градов, од државава. На, земи. (Фрла пари што паѓаат и остануваат на земја.) Остави ме да живеам како и сите други. Да станувам во седум. Да јадам трипати дневно. Да мијам заби навечер. Си сторив за тебе. Го натерав Темо да ти напише лекарско уверение за да те спаси од затвор. Ама ти на судот крена нож врз мене.
КУКЛА: Рече дека Бела ја турнала свеќата. Ќе ја пуштеше во затвор?
(Кука молчи.)
КУКЛА: И рече уште…
КУКА: Знам што реков!
КУКЛА: Рече: честит судијо, таа е малолетна, а курва. Се бацуваше на кино со мене како курва. Те прашаа: таа е курва затоа што се бацувала со тебе? Зарем не би била курва кога би се бацувала со друг? Не, рече. Го познавам тој бакнеж. Таа е курва. Честит судијо, се бацува филмски, како глумица. Вистина ли е тоа дека сте се бацувале?
(Кука молчи.)
КУКА: Детето… твое е?
(Кукла гледа стаписано во него. Пауза. Кукла пали цигара.)
КУКА: Тоа беа опасни игри, Кукла!
КУКЛА: За кого опасни?
КУКА: За општеството.
КУКЛА: Беа опасни за тебе. Кога играш сенки немаш тело да ти прави друштво. Дух си. Сам на светов. А ти не можеш сам. Ти требаат луѓе. Поим кој не постои. Како им е името на луѓето? Не знаеш. А како ми е мене името? Знаеш. Ама се криеш во маса. Застани во маса и опцуј полицаец. Ништо. Излези од неа и опцуј. Ќе те убие. Првото или второто е храброст? Не можеш ни да заспиеш ако го нема тоа твое општество крај тебе. Ќе се жениш со Цеца затоа што ти е страв да заспиеш сам. Ама кога ќе умираш, ќе мораш да го сториш тоа сам. Не ќе може никој да ти прави друштво.
КУКА: Имав седумнаесет години. Светот се вртеше околу мене во полен и лудило. Крвта ми вриеше, очите ми солзеа, се задушував.
КУКЛА: Обична алергија на полен. По пубертетот ја снемува.
КУКА: Не беше алергија. Беше секта. Стариот ни заведе. Знаеш нешто за него? Не. Знаеш од каде дојде? Не. Знаеш од каде му ковчегот? Не.
КУКЛА: Бела ни кажа.
КУКА: Ти уште веруваш во таа бајка за ковчегот?
КУКЛА: Верувам.
КУКА (Станува.): Ти си за Демир Хисар! Да знаев дека вака ќе биде, немаше да дојдам.
КУКЛА: Па оди си. Скапи таму, во тој твој малограѓански бидермаер. Знаеш што е бидермаер? Не знаеш, оти си во него. Кога си во темно, се навикнуваш. Гледаш како да е ден и веќе не ти пречи што си во темно. Да те праша некој дали живееш нормално, ќе речеш да. Тивка семејна среќа. Задоволување со средно, ни малку ни многу, страв да се каже сакам ова а не сакам она. Ова ли е тој човек со кој јас и Бела сонувавме дека небото ќе ни распне шатор каде ќе ни стемни а денот ќе го собере каде ќе ни раздени? Дека ќе даваме претстави во непознати градови? Тоа ли е човекот што кога на татко ти му ја сечеа ногата читаше авантуристички романи и ни лажеше дека лекарите ќе му стават кука? Па те завикаа така кога Темо дојде од болница а кука никаде. Тоа ли е тој со кој јас и Бела крвта си ја помешавме под јаболкницава и се побратимивме? Се сеќаваш, Кука? Бела не можеше да се пресече на прстот и плачеше. Велеше: јас сум предавник, не можам да си пуштам крв! Па ја боцнав со трн од ружа а ти ѝ ги држеше дланките на очи? Кој бил предавник, Кука?
КУКА: Погледни се, бе брат. Косата ти паднала. На улица си. Треба да јадеш. А ти мислиш на сенки. Ќе паднел светот на газ ако му покажеш словенски самовили и ламји! Не продавај ми ти мене филозофии. Се излекував од тоа.
КУКЛА: Кој те лекуваше?
КУКА: Стариот мој.
КУКЛА: Што иљач ти кажа?
КУКА: Да бројам. Прво до сто. После до двесте, па до триста.
КУКЛА: Па до четрсто. Па до петсто.
КУКА: Од кај знаеш?
КУКЛА: Стара финта. Дај му на човек да брои ако сакаш да не ти досаѓа. Ќе умре и нема да доброи.
КУКА: (Ги зема парите од земја.) Ако останеш… со стариот отвораме кожарница. Може да те примам. Ќе штавиме кожи за Европа.
КУКЛА: (Си станува.) Си биле двајца пријатели. Едниот си отишол. Колку останале? Кажи, ти знаеш да броиш.
КУКА: Ниеднаш не ми рече брат.
КУКЛА: Каде е ковчегот?
КУКА: Никој не знае.
(Кукла заминува, а Кука подзастанува, како да се двоуми.)
КУКА: Кукла!
(Откако ќе се увери дека е заминат.)
КУКА: (Покажува на јаболкницата) Јас ја исеков, брат! Ми беше страв да не се обесам.
(Заминува и тој.)

2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Текст, Блесок бр. 09, Театар/Филм|