ГЕНТИ: (Допирајќи се.) Јас ни тука (горе), ни тука (долу) немам проблеми…
ЛЕА: Блазе си ти. (Се исправа на нозе и со неговиот прст му ја допира главата.) Сите проблеми се тука. (Одлучно). Сакам да сум сама! Сакам да бидам сама! Бегај!
ГЕНТИ: Ќе се… видиме повторно? Бејби… ќе се видиме пак? Ќе се видиме ли пак?
(ГЕНТИ ги собира aлиштата и излегува. Се појавува на „територијата“ на канцеларијата, каде што, додека се облекува, се обидува да ги систематизира хартиите на масата. ЛЕА легнува, се врти и како во временски премин, гледаме како во спалната се појавува ДРЕНИ.)
ДРЕНИ: Сѐ уште в кревет…
ЛЕА: Аха…
ДРЕНИ: Не ти е добро?
ЛЕА: Не.
ДРЕНИ: Не си…
ЛЕА: Сум…
ДРЕНИ: Добро…
ЛЕА: Да…
ДРЕНИ: Блазе си ти…
ЛЕА: А ти…
ДРЕНИ: Не знам… не знам како сум… како треба да бидам… денеска ми почина пациент… го донесоа предоцна… не можев ништо да направам… сум станал многу циничен кон животот… ми се допаѓаат последните отчукувања на срцето…
ЛЕА: Циничен!
ДРЕНИ: Се гледам себеси како онака „суво“ им ја кажувам веста за смртта на пациентите на нивните блиски… додека ги испитувам нивните реакции полни со емоции… и се чудам на нивните претерано емотивни реакции… ова не е добро… ми се гади од самиот себе… се мислам да ја напуштам болницата…
ЛЕА: И… мислиш да преминеш на бизнисот со лекови?
ДРЕНИ: Не… додека да…! За тебе сѐ е бизнис…? Ќе треба да продолжам понатаму со мојот живот додека Дурим да ја достигне возраста за да се грижи самиот за себе…
ЛЕА: Дали ќе можеш…?
ДРЕНИ: Ќе треба да се обидам… (Легнува во спалната покрај неа, двајцата гледаат нагоре. Нешто како отворено небо преполно со ѕвезди, како што децата го цртаат отвореното небо, се спушта над нив. Двајцата ги набљудуваат нацртаните ѕвезди.) Јас сум најсреќниот маж на светот, бидејќи те имав тебе за жена… (Леа почнува да плаче.) Ти си и добра мајка. Без тебе нашиот син не ќе беше тоа што е. (Леа веќе липа гласно.) Не е крај на светот, само еден правен акт е. Ќе биде добро… смири се.
ЛЕА: Прости ми…!
ДРЕНИ: Да ти простам затоа што ме сакаш… или… затоа што се разведуваш од мене?!? Јас не сум се покајал затоа што те сакам.
(Леа го прикрива лицето со раце. Ѕвездите почнуваат да паѓаат врз нив, ги покриваат обајцата. Премин на…)