1.
(Гледаме простор поделен на неколку „територии“, поделбата некаде е со линија на подот, некаде со параван и некаде со мебел. На средина доминира гарнитура на дневна соба, со што овој „простор“ го означува како дом за живеење. Странично има работна маса, која тој „простор“ го обележува да биде канцеларија и лекарска ординација, од другата страна има брачен кревет, со што овој „простор“ станува спална соба. Во длабочина како издигнат подиум гледаме излог на кафеана, но без прозорци, две маси доминираат и шанкот зад нив. До кафеаната има контури на некоја барака, која е пренатрупана со разни дрангулии. Покрај кафеаната гледаме две клупи од парк и некои реквизити – играчки за деца. Еден продавач (МАЈСТОРОТ) се движи по горниот дел барајќи клиенти. Малку погоре се гледа сенката на еден далечен град, сенката не е јасна, дали се оддалечува или се доближува. Сцените се играат паралелно и истовремено во реално време. Актерите цело време се на своите „територии“ и деjствуваат според околностите во кои се наоѓаат. Среде дејствието на актерите се одредува која сцена е во прв план, која во втор, трет итн. Сценографските елементи се со истакнати бои, онака како што само децата цртаат.)
МАЈСТОРОТ: Не чувајте ги дома старите работи, фрлете ги надвор. Старите работи што не се користат се партали, а парталите се знак на сиромаштија. Фрлете ја сиромаштијата преку куќниот праг. Фрлете ја, затоа што тоа се само спомени. Спомени што припаѓаат на едно друго време, кое поминало и не се враќа веќе. Фрлете ги, оти јас ќе ги земам, јас со тие партали што вам не ви требаат можам да направам… сeнешто можам да направам… (Тишина.) Ако имате нешто што треба да се поправи, само појавете се на прозорецот и кажете ми, јас можам сѐ да поправам. Ќе ви ги поправам чешмите, штекерите, машините за перење, бојлерите, скршени чинии поправам… скршени раце… скршени нозе… и скршените срца ги поправам… (Се фаќа за срцето.) Ако не го поправам, знам како да ставам еден голем и студен камен врз него, за да го утрне. И… така функционира, срцето ја врши само својата работа како пумпа и не се меша во ништо друго. И може да се живее така, и тоа многу добро. (Тишина.) Јас сум Универзален мајстор, сѐ можам да направам… сѐ… само… само деца не можам да направам, не сакам… не можам… (Одозгора се симнува еден облак како детски цртеж. Mолња го осветлува небото. Заедно со громот кој се слуша силно, од нацртаниот облак почнува да врне, како да лее од стомна. Мајсторот покиснува до кожа. Мајсторот гледа нагоре.) Фрли ми и шампон, да се избањам добро барем.
(Мајсторот продолжува да ги предизвикува облакот и дождот. Премин на…)