Ликови:
Таа – надворешен свет
Тој – надворешен свет
Она – внатрешен свет
Он – внатрешен свет
Ова е класична, трагична приказна за двајца кретени. Двајца раносредовечни колеги, стабилни и цврсти, одговорни и паметни семејни луѓе. На кои малку им е здодевно. И полека веќе стареат. И веќе долго, долго така заедно седат во иста канцеларија. Едно десетина години. Таа седи малку понапред. Тој малку зад неа. Некако дијагонално. Како што тоа така бидува кога имате десет години работен стаж, постојано ви е здодевно. А кога ви е здодевно, сешто ви паѓа на ум. Во главата се случуваат чуда, додека надвор има само документи, хефталка и понекоја пчела. Небаре постоите во два паралелни светови.
Дали тие светови во вашата глава ќе ги толкуваат двајца или четворица актери, одлуката ви ја препуштам вам. Но јас ги замислувам како четири одделни ликови, во два одвоени простори. Или составени. Ох, по ѓаволите, не знам. Употребете фантазија. Аха, да – од чисто практични причини, за полесно следење, внатрешните ликови ќе ги наречеме Она и Он.
Он: Се работи за твојата коса. Како ти паѓа на рамото што ти е откриено, а сепак не е. Тоа парче гола кожа, кое божем случајно ѕирка. А знаеме дека не е така. И ти и јас знаеме дека не е така.
Она: Се работи за погледот. На моето рамо, а не го гледам, но го чувствувам, или мислам дека го чувствувам, или се надевам дека го чувствувам, или замислувам дека го чувствувам.
Он: Се работи за тоа движење, за тоа левтерно движење. Ебаго, како од филм. Знае ли таа што прави? Дали случајно или намерно? Дали е тоа за мене? Дал’ таа мисли на мене?
Она: Дали ме гледа? Ме гледа ли? Зошто не го чувствувам погледот? Би требало да почувствувам топлина, жештина. Зошто не чувствувам како ме пали со поглед?!
Тој: Како да се самозадоволуваш, а?
Таа: Глупав ти е фазонот.
Тој: Па што правиш?
Таа: Што правам?! Читам.
Тој: Ти, свесна ли си што правиш?
Таа: Аман, дај не дави.
Он: Се вцрвени. Незгодно ѝ е. Знаеше што прави.
Она: Срање, што точно правев? Којзнае како изгледа тоа? Претерувам, вистина претерувам.
Он: Ми се допаѓа кога ќе се вцрвени. Тоа го прави за мене. На мене мисли.
Она: Аха, гледал. Сепак гледал.
Тој: Слушај.
Таа: Што е?