Љубов и алхемија

Љубов и алхемија

II. Љубов во дискурсот, љубов за текстот

„Да се остане во системот, ОДВНАТРЕ разбивајќи го…“ П. Брукнер / А. Финкилкројт

Екстатична, нескротлива во зададен или конечен облик; судбоносна, фатална стратегија на постоењето, во која се сосредочуваат комплементарните принципи на Животот и Смртта, Создавањето и Уништувањето – љубовта е непредвидлива, ОПАСНА, но истовремено (можеби, токму поради тоа) хеуристичка, спознателна, откривачка, креативна, творечка, обликотворна; отаде, можеби далеку поприкладна да биде ПРИСТАП, одошто тема на излагањето.
Пред ова, денес очигледно, прогресивно, несопирливо ЛАДЕЊЕ на светот, што се одвива со посредство на компјутерските монитори; среде иронично именуваната „екстаза на комуникацијата“ (Жан Бодријар), виртуелната реалност и техно, естетиката и техно-реториката; во подемот и незалечливото влијание на патолошкиот платонизам (како што Ернесто Сабато ја нарекува, вообичаената за филозофите, нелагода пред телесното, женското, плодното, пулсирачкото, егзистенцијалното, повеќе од било кога, расте потребата за обнова на тактилноста кон текстот, литературата, писмото, тактилност, смело и страствено испровоцирана во списите на Ниче, кој своите заложби ги пишуваше „со својата крв“ (Жорж Батај), не сокривајќи ги и не преоблекувајќи ги, со студено мета-јазично облекло, своите „радости и своите болки“, напротив.
Стремежот на Ниче за создавање на една анархична и самисповедна, артистичка (против)наука; стремеж, што нè инфицирал сите нас, кои учествуваме во секогаш актуелната драма на љубовта; треба да ја оживотвори нераскинливата спрега помеѓу љубовта и теоријата, да го афирмира еротскиот пристап кон творештвото; љубовта кон текстот; читателскиот ерос, страст; дифузната обземеност и претопеност; меандрирањето низ една мистична екстаза, каква што е средбата со и доживувањето на литературата.
Препознатлива низ херменевтиката на оптекот, „Флуксот“ (Делез и Гатари), панвиталистичкото струење и кружење на енергијата, онтологизацијата на желбата, метафориката на номадството и скитништвото, принципите на body criticism-от; пост-теоријата, со помош на актуелната поетика на андрогиниот интер(с)-(т)екстуален идентитет на текстот, освен што го нуди програмското надминување на бинарната логика и машко-женската спротивставеност, исто така настојува, текстот да го спои со светот / космосот, во ПОХОТАТА гледајќи ја славата на животот; колку и славата на писмото.
Дотолку повеќе, што феноменот на љубовта, пост-теоријата го согледува и толкува имено низ призмата на интертесктуалноста; во неа откривајќи го фатумот на една секогаш-веќе присутност, зададеност, вкодираност: „Ја познавам љубовта пред да ја доживеам, извесноста на сакањето секогаш е во препознавањето“ (П. Брукнер, 1989:110)
Цитирачкиот карактер на љубовта (ефектно поентиран од страна на луцидниот Умберто Еко, во неговата постмодерна вертира на класичната љубовна изјава), помеѓу другото, нè предупредува, еволутивната онтологија и генеологија на љубовта, да ја бараме во магичното скривалиште на тајните (интертекстуални) шепотења, во еротолошките архетипи и шифри на културата.

III. „Пред сè, дали и над сè, филозофијата е состојба на вљубеност“ – Ферид Мухиќ –

Сакал да го признае тоа или не, со својата вродена, иманентна неверност (и ненаситност) само од еден текст (или теориски метод) – критичарот неминовно е еден од застапниците на дон-жуанскиот мит (како што убаво, заводливо порачува Акиле Бониот Олива).
Ако љубовта е категорија на изборот, во својата осуденост на љубов (кон, но не исклучиво во рамките на текстот), критичарот номадски се препушта на полигамните наслади, што податливо му ги предочува и препорачува писмото.
Знаејќи за големиот, нараснувачки комплекс на ткн. Црни дупки на знаењето и науката, блокирањето на транспарентниот ум и подемот на паралогиите во доменот на досега егзактните науки; пост-критичарот повеќе не се стеснува, или срами, од тоа што, на моменти, тангенцијално се допира со сферата на мистиката, неизрекливото, екстатичното.

Ако Лудвиг Витгенштајн соломонски порачува, дека: „За она, за кое не може да се зборува, треба да се молчи“; денес, Жак Дерида, „го прави, она што го вели“ (Грегори Улмер, 1983:) со своите есеи, овозможувајќи им супремација, предимство на типично еротските (тантрички) техники на прекинот, интерпутивноста и одлагањето, колажот и монтажата.
Во својот говор и писмо за љубовта, така и ние треба да го правиме, односно воведеме во рамките на својот праксис, она, за коешто еве денес и овде сме собрани да зборуваме.
Низ една мала парафраза на култниот хипи слоган, тоа значи „да правиме љубов, а не војна“ со текстовите, со литературата, со магијата на уметничкиот облик; да ја негуваме и поттикнуваме, потхрануваме текстовната љубов, еросот кон делото – наместо стерилниот, задушувачки, арогантен и ригиден (квази) сциентистички, инквизиторски однос.
Не заборавајќи при тоа, на сјајната поука, што, во еден од своите последни записи, ѓаволесто ја изрекува шармантниот Данило Киш: „Не дозволувајте литературата да ви ја замени љубовта. И таа е – опасна“…
Не дозволувајќи да избледне или исчезне примарниот императив на егзистенцијалниот еротизам; љубовта како квинтесенција на постоењето и како врвен залог на животната алхемија (свадба) во која противречностите взаемно се привлекуваат, создавајќи повисоко единство.

Литература:
Octavio Pas (1994): Dama I svetica, in Republika, Zagreb, br.
Vladimir Biti (1997): Pojmovnik suvremene knjizevne teorije, Zagreb
Storejdik Peter (1992): Doci na svijet, dospeti u jezik, Zagreb
Фуко Мишел (1992): Генеологија на модерноста, Софија
Иглтон Тери (1996): Стање у теорији, ин Овдје,
Подгорица, бр. Октобар (427)
Brukner Paskal / Alen Finkilkraut (1989): Novi ljubavni nered, Beograd
Мухиќ Ферид (1995): Јазикот на филозофијата, Скопје
Ulmer Gregory (1983): The Object of Post-Criticism, in: Anti-Aesthetic (ed. Hal Foster)
Киш Данило (1998): Лаутата и белезите, ин Сум, Штип, бр. 16 (зима)
Bart Rolan (1978): Fragmenti ljubavnog govora, Beograd; in Treci program RTB, br. 36 Nis (1975): Zadovoljstvo u tekstu.

2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 07|