Хуморот во литературата

/, Литература, Блесок бр. 05/Хуморот во литературата

Хуморот во литературата

Прашањето на хуморот како феномен, како процес, како човечка активност која наоѓа широка примена во литературата е цел на ова сериозно истражувачко разгледување. Тој феномен е и со широка општествена прифатливост. Присутен е во различни култури и цивилизации опстојувајќи низ времето. За да го најде својот одраз во литературата тој мора да задоволува одредени потреби, да биде во согласност со заснованоста и раширеноста и да биде нераскинливо поврзан со социјалните контексти. Со тоа се создаваат услови за транспарентно, непосредно проживување на она што перманентно се случува во животот.
Овој текст зборува за карактерот на состојбата која во литературата се означува како хумор. Тој се обидува да даде колку што е можно поширок поглед на условите во кои настанува хуморот, неговата презентација во различни литературни жанрови, неговата општествена функција, значење и застапеност во различни цивилизации. Клучното прашање кое се поставува е зошто писателите го избираат комичниот израз. Или зошто нивниот израз во некои дела изобилува со животни радости и веселост, додека во други е строго сериозен. Зошто некои писатели се приклонуваат кон добронамерната смеа и ведрото расположение додека други обилно го користат црниот хумор и циничното потсмевање.
Јасно е дека хуморот е поглед на свет кој може да биде суштествен израз за вистините во светот и неговата севкупност. Нештата видени низ неговата призма изгледаат поинаку од тие видени низ призмата на сериозноста. Местото кое хуморот го зазема во литературата може да се спореди со местото на кризите во општеството кои се неопходен предуслов за настанување на нови промени. Колку што е очигледно, толку е и важно да се истакне дека хуморот ги открива долготрајните неправилности со кои луѓето не сакаат да се соочат. Хуморот е единствениот начин со кој луѓето можат да ги изразат непријатностите. Според Преисенденс1F најлошите појави ѝ се препуштаат на смеата бидејќи прикажувањето на несреќите и злоделата ја мобилизира комиката. Сè може да се осветли со помош на комиката, на тоа нè учат искуствата и теоријата.
Комичното и хуморот се тесно поврзани феномени. Тие се разликуваат како музиката и музикалноста. Хуморот ја поврзува комиката која е чисто естетичка категорија со другите видови на смеа во кои доминираат психолошките или социолошките фактори. Но тој има нагласена етичка функција. Веднаш исчезнува таму каде што се појавува сериозно страдање и тешка болка. Хуморот е душевна состојба во која запаѓаме откривајќи ги позитивните внатрешни суштини преку надворешните манифестации на туѓите мали недостатоци. Во книжевноста хуморот доаѓа до израз во прозната литература, кај раскажувачите како што се Бокачо, Рабле, Сервантес, Чосер, Дикенс, Мопасан, Гогољ, Чехов, Т. Ман, Борхес но го среќаваме и во комедиите Аристофан, Менандар, Теренциј, Ариосто, Шекспир, Молиер, Голдони, Островски, Шо, Пирандело, Јонеско, Устинов, и во фолклорот, во хумористичните песни и приказни. Вистинскиот хумор не смее да се сведува на духовитост бидејќи хуморот извира од афективните длабини на личноста. Колриџ2F забележува дека хуморот е во духовно сродство со патосот и сочувствувањето со човечките слабости. И Карлајл вели дека суштината на хуморот е во емпатијата, во сочувствувањето со сите видови на постоењето. Иста смисла има и афоризмот на Текери дека хуморот е виц со љубов. Хуморот е поличен и поафективен од духовитоста која е безлична. За разлика од сатирата и иронијата покажува знаци на забележлива благост и добродушност. Основна претпоставка за добар хумор е да биде лишен од цинизам, злобност, претенциозност. Преку хуморот писателите укажуваат на недостатоците. Нивната критика е амбивалентна, односно – како што кажува Пирандело – хумористот наоружан со својата остроумна интуиција покажува колку луѓето како општествени суштества се разликуваат од својот интимен свет. На добронамерниот хумор блиски се писателите Чехов, Пушкин, Толстој, Зошченко, Нушиќ, Сремац, Ќопиќ др. Хуморот е својство на срцето. Сличен е на љубовта. Има луѓе кои не знаат да сакаат. Веројатно тоа се истите оние кои немаат смисла за хумор.
Аристотел е поборник на идејата дека хуморот е израз на здравје. Тој потеклото и природата на комичниот феномен ги гледа во ефектите од катарзичната улога. Според Аристотел, претставник на бенигниот став, објектот на смешното не смее да биде подложен на агресија. Во „Поетиката“3F се вели дека комична може да биде само онаа грешка или недостаток која е безболна и не нанесува голема штета. Кај него ја среќаваме мислата „Биди весел за да можеш да бидеш сериозен“4F.
Односно човекот мора да се забавува за да може потоа сериозно да се зафати со работа. Хуморот за никого не претставува опасност ниту е способен на некого да му нанесе болка. Од Хилон потекнува изреката „не потсмевај му се на несреќниот“5F. Во ист дух е и Демократовиот афоризам „На луѓето не им доликува да ги исмеваат туѓите несреќи, туку треба да ги сожалуваат“.
Кај Демокрит, а подоцна и кај Сократ ја среќаваме идејата за релаксираност како предуслов за ментално здравје и евидентната улога на хуморот во контролата на лутината. Насмеаниот филозоф Демокрит заклучува дека е подобро да се смееш во животот одошто да плачеш во него. Нему му се припишува афоризмот: „Животот без веселба и празници е како долг пат без одмор“6F. Кај Аристофан, најинтересниот комедиограф на стариот век, се среќаваат голем број досетки, вицови, добронамерен хумор, но и многу остри и отровни потсмевања. Неговите дела се исполнети со шеги, досетки, неочекувани пресврти од возвишено во ништожно. За разлика од неговиот немилосрден хумор полн со гротескни претерувања, кај Менандер среќаваме супериорна, но не и навредлива иронија бидејќи тој е свесен за човечките слабости но и полн со разбирање за нив.

#b

1. Preisendans Wolfgang: O prednosti komičnog u prikazivanju povjesnog iskustva u njemačkim romanima našega vremena, во Uvod u naratologiju, 1988, str. 226.
2. Rečnik književnih termina, Nolit Beograd, 1985, str.254.
3. Аристотел, За поетиката, Македонска книга, Култура, Наша книга, Комунист, Мисла, Скопје, 1979, стр. 125.
4. Aristotel, Nikomahova etika, BIGZ, Beograd, 1980, VI, str.282.
5. Diels, H. Fragmenti presokratovca, Naprijed, Zagreb, 1983, str. 58.
6. Ibid, str179.

АвторЈасмина Мојсиева Гушева
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 05|