За Игор

Ти сега спиеш и сонуваш за љубовта

Кон ликот на Игор Исаковски

 

Тој сега спие, го сонува космичкиот сон, откако престана да ги чита своите љубовни песни. Тој ги испиша низ себе сите чувства, сите состојби што можеше да ги роди љубовта, но и не само таа. Неговиот живот го испиша својот тек низ неговиот здив. Неговите книги се оставени во наследство на поклониците на речта, онака како што сите посветеници на поезијата ги оставаат своите дела на хартијата – која нема да изгори од нивниот огнен испис.

Што да се каже за оној што сега спие – освен дека страста го одржувала во живот и кога таа страст прегорела, прегорел и страственикот. Тој сега спие и го сонува космичкиот сон. Може ли да се зборува за страста кон смртта, според многумина најголемата и најопасна љубовница? Таков љубовник беше и Игор. Неговите последни три книги го потврдуваат тоа – Љубовна, Смртта има коса од морска трева и Песни од големата соба.

Знае Игор и како се умира, ја проучувал тој смртта во сите нејзини форми – при заспивање, при водењето љубов, при опиеноста од вишите светови. Во песната „Пак умрев“ вели: „Требаше да умрам тивко, незабележливо и дискретно, да не нарушувам ничиј мир, требаше да умрам далеку од тебе“.

Изгледа беше во право кога рече дека е време да исчезне во буквите. Да се прелее во стиховите, да го снема во недореченото, во тишината меѓу буквите, во белината меѓу стиховите. Во тоа негово прелевање ние живите ќе го разбереме она што тој не го кажа, неговиот показ на живеење како огнен доживувач на љубовта и животот, како бунтовен лик против предрасудите и поредоците. Тој сега спие и го сонува космичкиот поредок.

Знаел Игор и за природата на душите, за нејзината светлосна еманација. Сноп светлина сум. Жестока машка искреност, по тоа ќе те паметиме, Игоре, нека се знае каква може да биде жестока машката искреност, како е да се живее на врвот на острицата.

Не сакам да пишувам за тебе како за бунтовник, непомирлив со напливите на разурнувачкиот хаос, туку за оној поет кој сред осаменоста, како вистински аскет, се впушта во надојдената река на креативниот хаос, оној што секој момент донесува нови сознанија за постоењето, за љубовта, за смртта, сакам да останат твоите песни за љубовта, оние што најубаво знаеше да ги пишуваш.

Не знаев дека си немал страв од огнената жена, онаа што цели ноќи со тебе водела љубов, за да ти шепоти песни за животот отаде. А ти си имал внатрешен живот како што тоа го имаат сите оние што живеат со полната светлина на огнот, горејќи но и согорувајќи.

Поминува 14. месец од твојот вечен сон, а ти спиеш и можеби ги обликуваш соништата на семињата што се околу тебе, како сите оние семиња расфрлани во твоите книги за љубовта, страста, копнежите и стравовите. Оној што пеел за вечноста, во вечноста и ќе се роди, и одново, и одново ќе се пресоздава со секое препрочитување на неговите списи за неа. Озрачувајќи ги оние што ќе го читаат со својата чиста машка жестока искреност, како кај ретко кој од поетите.

 

(февруари, 2016)

 

АвторСузана В. Спасовска
2025-10-18T22:19:28+00:00 октомври 15th, 2025|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 157|