Да, не можам да верувам дека го оставив таму, дека сосема заборавив на него. Ама тој настан потоа стана наша тема за шегување, никогаш не престанавме да раскажуваме за тоа. Сигурно за таа наша авантура имаше чуено секој што нѐ познаваше. Откако на Роки му помина лутината, со најголема радост објаснуваше како се разбудил сабајлето на камената ограда. Веќе било речиси осум, луѓето оделе на работа и сите го гледале со презир како да е последниот клошар на светот. Си ја повлекол качулката на глава и пешки побрзал до наредната постојка, толку му било срам од работниот народ.
Инаку ретко гледам сè во црвена боја, па не сум дрогераш. Добро, освен работи што се навистина црвени и што секој ги гледа како црвени. Почвата на море е црвена. Секој ја гледа таа почва како црвена. Црвена е во јули и август и сигурно и зиме, дури и под снегот е црвена. Често се потсетувам на таа црвена земја.
Сакав да кажам нешто сосема друго. Онаа ноќ во дискотеката се напив и затоа што бев сам, без Нела. Да, откако на смрт се скарав со Сине, Брине и Јоц, првпат ја видов во педерското диско. Сосема изненаден се прашував што прави таму, зашто мислев дека е од нормалните. Ми кажа дека неколкупати имала девојка, затоа дошла овде. Првин бев толку љубоморен на сите лезбијки во диското што не знаев што со себе. По три-четири пива ја прашав дали тогаш на журката кај Сине сериозно мислела кога рече дека јас ѝ се допаѓам најмногу. Одговори дека била сосема сериозна. Оттогаш бев печен, секоја недела бев во диското, не ме интересираше што мислат другите и што ќе зборуваат мостјаните ако ме видат со неа. Понекогаш дури и се гордеев што беше со мене. Не ме тормозеше и не ми го переше мозокот како другите, па можеби затоа и ѝ кажав многу работи. Да, токму нејзе ѝ го кажав крстеното име и ѝ дозволив одвреме-навреме така и да ме вика. Беше првата со која отидов на кафе среде бел ден, сосема трезен и без поддршка од Роки. Никој не ми го штитеше грбот кога се наоѓав со неа, сосема присебен. Додуша, на почетокот повеќе гледав во масата одошто во неа и повеќе ја слушав одошто што самиот зборував. И беше супер, што знам, сосема поинаку отколку обично. Ми кажа дека сега не е само фризерка, дека посетува виша школа и дека еднаш можеби ќе биде социјален работник. Додуша, не знам зошто некој би сакал да стане социјален работник, ама и тоа е професија. Сѐ ми раскажа, и за нејзините сестри, и за родителите, и за нејзините големи љубови во животот. И така и јас ѝ кажав сè за моите поблиски и подалечни роднини, а и за тоа дека дома не се разбираме најдобро. И тоа ѝ го кажав, дека бев на психолог, иако кријам и ни на Роки не сум му кажал до ситница. Така сите недели живеев само за тоа да ја видам Нела и сосема заборавив на сите други. А ако не дојдеше, се опивав со Роки.
А на онаа црвена земја и ден-денес се сеќавам.
„Погледни“, рече Нела тогаш кога отидовме на море, на нашиот единствен излет надвор од Љубљана и се наведна. Сè почесто откриваше и забележуваше работи што не му беа важни на никој друг – тоа сигурно ти доаѓа од учењето. Со тенката рака ја заграби почвата и ја исчисти од игличките. Зафати малку црвена приморска почва, се исправи и ми ја покажа врз дланката. Изгледаше палава како ретко кога. За мене понекогаш беше дури и среќна. Ја отвори дланката и црвената почва се истури меѓу нејзините тенки прсти. „Terra rossa“, рече. Сакав да фантазирам дека понекогаш со мене и таа се вжештува како црвената почва на сонцето. А кога бев соодветно одморен и никој не ме нервираше, знаев да откачам дури и нешто романтично.
„Што?“ прашав, онака, зашто не знаев што да речам.
„Terra rossa. Кога ќе полагаш географија, сети се на морето и на terra rossa. Така ќе знаеш сè што треба да знаеш по географија. Навистина!“
„Terra rossa“, повторив.
Звучеше толку убаво. Црвено и убавко. Се насмеа и ме фати за рака, како да сакаше да ми ја бакне дланката. Вознемирено погледнав околу себе – никогаш не знаеш кога ќе налеташ на познајник или колега, па морето не е толку далеку од Љубљана. И онака премногу ме озборуваат, а луѓето се воопшто и премногу љубопитни. Не сакам да се зборува за мене нешто што не е вистина. Немам поим што мислат другите за мене кога ме гледаат и слушаат, ама јас се чувствувам нормално. Не се преправам и не се преоблекувам, таков сум речиси од раѓање. Не се кријам, само не ми се чини за сходно на луѓето да им објаснуваш нешто за себе. Ако кажам дека сум Дамјан сите се задоволни, а најмногу јас. А ако подоцна дознаат дека сум женско, веќе е предоцна да се решаваат и да се премислуваат, па обично ме прифаќаат таков каков што сум. Обично немам проблеми поради изгледот, тоа веќе неколкупати го имам подвлечено. (И тогаш кога Сине, Брине и Јоц ми се нафрлија демек не сум бил машко, не ги сфатив толку сериозно. Навредите беа последица на нивната издрогираност и повреденост. Кога им помина лутината, повторно ме прифатија онаков каков што сум. Ама тоа не е веќе важно зашто не сме веќе другари.) Кога ќе отворам уста, луѓето смекнуваат. Знам да се пошегувам, секако, ако сум добро расположен. А најчесто и сум. Не сакам луѓе што тормозат и кисели фаци. Нела порано знаеше да биде таква, додуша, не баш на почетокот – точно е дека многу дознаваш за луѓето кога добро ќе ги запознаеш. Затоа самиот никогаш не дозволив некој да дознае премногу за мене, зашто потоа бргу ќе му здодеев.
Извадок од романот „Се викам Дамјан“
(издание „Блесок“, 2018, превод од словенечки: Лидија Димковска)