Се почувствував подобро поради тие негови зборови, поради тоа што ме поддржува и ме поттикнува да зборувам, наместо да ме одржува издрогирана и врзана за кревет. Сè уште пред очите ми е оној страшен апарат со жици, сè уште го чувствувам допирот на студените електроди на слепоочниците и восочниот вкус на тутката во устата.
Но кога јас во последно време имам донесено каква било одлука, освен кога фотографирав, што не го правам веќе со години? Дали тоа беше во оние дамнешни години кога се решив за студии по фотографија, а сето она што ми се случи потоа беше последица на туѓите одлуки? Одвај можам да се присетам на желбата да фотографирам и на она некогашно чувство на контрола, слобода и доверба во себеси и во своите одлуки. Кога исчезна сето тоа и зошто? Како можев себеси да си дозволам да завршам во болница? Ете за тоа би сакала да пишувам.
* * *
Тоа беше сè што пишуваше во пронајдениот бележник. Некако ме погодија тие заборавени зборови запишани пред повеќе од една деценија, а особено реченицата: „Јас го можам тоа“. Звучеше како и самата себеси да се убедувам во тоа. Но намерата очигледно не ми успеа. Ми попречија празните страници што следуваа. Зошто не сум продолжила да пишувам? Од што сум се исплашила? Што е тоа што ме попречило?
Пред очите повторно го видов лицето на мојот познајник психијатар, излогот на книжарницата, мојот одраз на стаклото. Особено во сеќавање ми остана оној кус, но јасен полет на надеж по мојата прва посета. Кога излегов од куќата на Жак, ја кренав главата кон светлосиното небо без ниедно облаче. Се присетив на насловот од книгата на Жорж Батај Небеско синило, не толку поради нејзината содржина и она што во неа, наводно, пишува за мене, колку поради самиот наслов. Дали на ум имал токму вакво синило? Ветерот ги пикна своите прсти во мојата распуштена коса, длабоко вдишав и му се препуштив, како да сум едро. Талкав некое време, уживајќи во чувството на леснотија и ведрина. Откако поминав недели во повеќе или помалку несвесна состојба, лебдејќи помеѓу светлината и темнината, како некој да ме фрлил во длабок бунар во кој сум осудена да си го чекам крајот, тој ден за првпат поверував дека не сум загубена, дека не сум сосема напуштена.
Ја прочитав уште еднаш првата реченица – Вчера откај Жак си заминав толку расположена. Ведрината и оптимизмот по само неколку страници текст ги замени долга тишина и – празни страници. Тогаш сè уште не знаев, а никој не ми го ни кажа она што подоцна го прочитав за последиците од електрошоковите: дека по непријатната и болна терапија настапува еуфорија. Моите чувства тие денови беа последица од хемиска реакција во мозокот!
Оној мој првичен восхит од Жак, како и подоцнежното мрачно расположение и бескрајниот замор што ме спречи да го земам перцето в рака. Можеби и мојата неможност да се сконцентрирам била последица од терапијата? Како и повременото губење на памтењето? Жак ми велеше дека сеќавањето на пациентот понекогаш може да откаже, но обично се враќа. Се плашам дека во тоа време сè уште премалку се знаеше за ефектите од електрошоковите и дека бев само експериментално зајаче за таа новина…
Колку ми помогна психотерапијата? Дали траеше прекратко за да можам вистински да се оправам?
Сега моите раце – истите оние раце што Пикасо толку пати ги има насликано, сè уште со мазна кожа, сè уште со долги лакирани нокти – го држат овој бележник. Бележникот е со голем формат, рабовите му се малку излижани, како да сум го носела насекаде со мене и како да сум го превртувала низ рацете, премислувајќи се. Најмногу ме чуди неговата дебелина. Зар навистина сум имала намера да го пополнам? Тие неколку дамна запишани зборови се патетично сведоштво за мојата немоќ. Но она што тогаш немав сили да го запишам, или не сум сакала да го сторам тоа, ќе го запишам сега. Жак, кој во меѓувреме стана познатиот д-р Лакан и веќе не е мој доктор туку само стар познајник, сепак згреши во една работа. Мислам дека дури сега сум кадарна навистина да одлучувам, долго откако ја завршив, подобро кажано, откако ја прекинав терапијата кај него.
Да, ми требаше подолго одошто мислев по тој наш прв разговор.
И всушност, дури сега, по толку години, ми се враќаат во сеќавање некои наши теми и негови прашања. Дури сега полека се отвора вратата зад која можеби би можела конечно да го согледам својот живот од друга визура, од емоционална и временска дистанца. Сеќавањата што навираат ќе се обидам да ги запишам во истиот овој бележник. А знам дека некаде го имам и она виолетово мастило!
Превод од хрватски:
Калина Буневска-Исаковска