Ана Пејчинова (извадок од „Пустинско срце“, Или или, 2026)

/, Литература, Блесок бр. 159/Ана Пејчинова (извадок од „Пустинско срце“, Или или, 2026)

Ана Пејчинова (извадок од „Пустинско срце“, Или или, 2026)

Внимателен е да не рече директно лош збор за новите освојувачи, но изгледа ко за него да нема разлика меѓу Русите и Американците – војници се, вооружени натрапници од туѓа земја и религија.

  • Во мирни години, богати сме. Кога има војна, сите сме сиромашни. Гранати ни ги кршат дрвјата. Младите војуваат и гинат. Нема ред. Нема почит. Како кој дојде, војници и влади, секој зема, никој не дава.
  • Како опстојувате? – го прашувам. – Што е клучот, и покрај сѐ, да останете силни и чесни – велам „добри Муслимани“ што е еквивалент на „чесни луѓе“ во Авганистан – на вака добар глас?
  • Да се бориш за она што е право – одговара овој стар воин ко од пушка – тоа е клучот. Другото е од Бога.
  • А што со Талибан? – го прашувам направо за слонот во селото.
  • Талибан? – се разжештува. – Тие неранимајковци ништо не работат. Не ја обработуваат земјата, не им е гајле дали е добра или лоша година. Ние и гладни остануваме, само земјата да преживее, а тие – само „дај, дај“, „прави ова, прави она“.

Гулам Фарук сега отворено се лути и добро што гневот не му е свртен кон мене, си мислам.

– Но, сега примивте американски трактори – загрижено го прашувам. – Кога ќе ги одвезете во селото, Талибите ќе ги видат. Знаеме дека понекогаш американски подарок може да значи смрт за оној што го примил дарот. Што ќе правите ако Талибите дојдат по вас?

Тука стариот моќно извикува и удира неколкупати со бастунот по прашливата земја. Брус и Еди се појавуваат од некаде, готови да пријдат на најмал мој знак. Им мавнувам дискретно со рака дека сѐ е во ред. Едвај дочекувам толкувачот да ми преведе:

– Нека дојдат! Не им се плашам!

Ми се видува прекрасен во тој момент, и покрај ветвата облека и годините. Гори со исклучителна сила, пламен во кревко тело веќе во старечка доба. Бестрашен борец, а истовремено толку е изложен на насилна смрт, и тој и неговата фамилија, и неговите мили овоштарници и коњи. Еден од многуте Авгани, еден од малкуте храбри луѓе, кои, сепак, исто ќе ги однесе рамнодушното време и ќе се слеат со прашината на родната пустина. Само спомен останува, само името во преданијата.

Продолжуваме уште малку со разговорот, за мали, секојдневни нешта, за животот во селото. Конечно Гулам Фарук Ахмадзада ме гледа директно в очи без непријателство или воздржаност. Погледите ни се слеваат.

Погледот на Ахмадзада е како поглед на орел: продорен, бестрашен, нескротлив, огнено жив. Одеднаш ми се насмевнува. Сончев зрак. И јас нему. Се разбираме. Му благодарам со раката на гради, „по авгански“.

Кога станува да си оди, прискокнува едно момче да му помогне. Стариот му одмавнува со раката, не му треба помош. Дури тогаш, по куциот од, му се гледаат годините, и бремето, и старите рани, и загубите. Овие, невидливи и тешки, се веат зад него како опашката на турбанот.

Подоцна ми покажуваат фотографии од нас тројца што ги направил еден од колегите: Гулам Фарук, толкувачот и јас, седнати на три стола на склопување, со шарени сенки послани врз нас. Гулам Фарук го држи бастунот в раце, јас бележникот и пенкалото. Турбанот му е разлетан, мене ветрот одамна ми ја стргнал марамата од косата. Возбудени на лик, како да расправаме за длабоко лични прашања на живот и смрт.

Во Аргхандаб попладнето веќе истекува и Брус и Еди ги фаќа немир. Не сакаат да возиме приквечер, кога има повеќе шанси за напад, а помалку за помош. Брзам сега и јас, уморна и без вода. Се опашувам со панцир и поаѓаме со возилата.

Пред самата порта на гувернерската резиденција, застанале двајца Авгани со својот тукушто примен трактор, џиш-нов и жар-црвен. Едниот зел тежок камен со двете раце и удира по сјајните бокови на тракторот. Другиот пофаќа грстови прашина од крај патот и штедро ја сипе врз тракторот. Речиси ја уништуваат каросеријата, без радост, но трудољубиво.

Застануваме крај нив. Не се колебаат ни пред нас. Ни се смешкаат, ни мавтаат и продолжуваат да си го уништуваат тракторот.

  • Што се случува? – ги прашувам преку толкувачот.
  • Го преправаме тракторот да личи на стар – објаснуваат. – Ако нѐ пресретнат Талиби на пат до дома, ќе им речеме дека сме го купиле на старо од Кандахар, да не се посомневаат дека сме зеле нешто од Американците или од владата. Инаку ем ќе ги изгубиме главите, ем тракторот ќе го запалат.

Успокоени со разумното објаснување, им посакуваме среќен пат и поаѓаме и ние кон својата „дома“ во Кандахар.

Вечерта ја пишувам приказната за Гулам Фарук Ахмадзада за УСАИД. Всушност, пишувам слабо прикриена ода на човековата жилавост.

Првата верзија, под наслов „Бестрашни“, ми ја враќаат на доработка – била премногу за Талибан и војните, а премалку за земјоделство и трактори. Правам како што ми налагаат. Го стишувам акцентот на храброста нужна да се биде Авган и ги потиснувам Талибите од приказната. Втората верзија на приказната е прифатена и објавена на веб-страницата на УСАИД.

Срцето и сеќавањата го чуваат и она што хартијата не го трпи. Оние што одобруваат или враќаат вакви приказни, зад високите ѕидови на Зелената зона во Кабул, веројатно никогаш не запознале некого како Гулам Фарук Ахмадзада.

АвторАна Пејчинова
2026-11-02T20:00:30+00:00 октомври 31st, 2026|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 159|