Ми светнува: Авганите ги делат Талибите на „локални“ и „странски“. „Странските Талиби“ доаѓаат од Пакистан, наводно со многу пари, надмоќно оружје и безогледна ароганција. Не се грижат за населението, па и овие не ги сакаат, но мораат да ги трпат. Локалните Талиби, од друга страна, се по потекло од овие села и гратчиња, од тукашни фамилии. Тие се често со добра репутација меѓу населението, бидејќи, според моите авгански колеги, се грижат за безбедноста, правдата и добросостојбата (и доблеста) на своите. Во големите авгански фамилии, нечиј братучед некаде секако е Талиб. Или цели фамилии се нивни поддржувачи. Наводно, надвор од големите градови на Југот, ништо не се случува без нивен благослов, дури ни оваа дистрибуција на трактори.
Како се осмелува еден Талиб да дојде на државен настан, со авганска војска и полиција, и со американски војници во база подолу по патот? Нема ли да го уапсат? – прашувам наивно.
Тука е по покана на гувернерот – ми предочува колегата. – Гувернерот ништо не смее да прави без да ги извести Талибите. Знае дека ќе го снајде незгода ако Талибан не е инволвиран. На крајот на краиштата, гувернерите овде не траат долго: ако не загине во рок од неколку месеци, како претходните двајца, ќе му истече функцијата, а ќе остане да живее овде со фамилијата. Каде ќе бега? Каде ќе се скрие? Кабул е далеку. Овој гувернер е помудар. Сам го викна Талибот.
Разбирам – велам.
И навистина разбирам. Државните службеници и полицијата и во Кандахар се на глас како сосема корумпирани. Луѓето во темносини полициски униформи се најчесто поголеми злосторници од оние што треба да ги апсат. Наместо нив, Талибан дели правда, велат, праведно, бргу и безмилосно. Онаму каде што има талибанска месна „влада во сенка“, луѓето тврдат дека патиштата се безбедни и дека правдата ги стигнува престапниците. Ги стигнува и владините намесници, често.
Го гледам Талибот во црно, во последниот ред на седиштата. За миг, мислам, погледите ни се среќаваат. Ми се причинува дека читам малку љубопитност и многу неодобрување во неговите очи. И тоа го сфаќам и го прифаќам, со оглед на тоа какви предрасуди тие имаат кон западните „безбожнички“. Сепак, го прашувам колегата, од љубопитност:
Дали има шанса тој да прифати интервју со мене?
Не! Не прашувај го! – се тргнува исплашено. Не знае дали се шегувам или ќе инсистирам на нешто што го смета за „западна“ лудост.
Добро – кротко се согласувам и го оставам да се врати кај своите пријатели. Имам и јас малку усул, иако сум од Западот.
Кога настанот завршува, се вртам да го побарам со очи Талибот, но човекот во црно го нема. Исчезнал сам и незабележано.
Тој ден интервјуирам двајца луѓе. Едниот, со огромен зелен турбан, ми нуди само празни флоскули на благодарност кон владата и УСАИД. Сомничав е кога почнувам да барам вистинска лична приказна – го прашувам за неговото село, за фамилијата и неговата лична историја. Гледам дека нема да бидне добра приказна, па поаѓам да го барам другиот човек под турбан.
Овој е поинтригантен на лик. Стар, мршав човек, со избраздено лице од брчки, со црни разбушавени веѓи надвиснати над пар орловски очи и крупен нос. Намрштен, не навестува пријателски разговор. Има кратка, кадрава бела брада, пожолтена на краевите од прашина и чај. Држи бастун во раката, со шарена резбана дршка, изработен од криво речно дрво, измазнето од неговата уште цврста рака. Турбанот му е стар, некогаш бил бледосин, сега пожолтен и со изабени рабови. Ни белиот шалвар камиз не му е понов од турбанот. Свечените кондури кои сигурно ги облекол за овој настан се од вештачка кожа што веднаш пука и се бразди од грубата пустина во Кандахар. Болно сум свесна одеднаш од каков луксуз доаѓам.
Го повикувам толкувачот да преведува. Стариот Паштун седнува на еден од столовите, без збор долго се искашлува, плука крај нозете и погледнува кон мене, но не ме гледа в очи – би било непристојно. Седнувам спроти него со воздржани движења и тивок глас, „по авгански“. Бележникот в рака, марамата ја подместувам на косата, а ветрот постојано ми ја симнува. Пак по авгански обичај, не му се обраќам нему, туку на толкувачот:
Би сакала да напишам сторија за него лично, а не за тракторите, за гувернерот или за УСАИД. Ако сака да разговара со мене – му велам.
Ако сака приказна, ќе ѝ дадам приказна – одговара стариот преку толкувачот. Го фаќа бастунот со двете раце и го забива в земја.
Почнувам да го прашувам, а тој да одговара. Го препознавам неговото племенско презиме Ахмадзада и му ја фалам фамилијата дека е позната, „на добар глас што дури и ние, странците, сме го чуле“. И вистина е, името на неговото племе се пројавува низ историските четива за Авганистан. Нему, пак, му значи странец да го препознае. Се расприкажува.
Триесетина години пред нашата средба во Аргхандаб, Гулам Фарук Ахмадзада им се придружил на муџахедините во борбата против Советскиот Сојуз на територијата на неговиот роден Кандахар. По поразот на Советите, се борел во авганските граѓански војни. Не загинал, иако бил ранет, не се сеќава колкупати.
Сега е поглавар на своето село Палеизаи, кое брои педесетина фамилии. И покрај старите рани и возраста, уште јава во бруталниот бузкаши[2] – а за тоа треба и смелост и сила. Очигледно е почитуван помеѓу белобрадите во селото – глава е на селското земјоделско здружение и дојден е во Аргхандаб да прими три нови трактори како грант. На други здруженија од соседството им биле одобрени трактори, вели, но потклекнале под заканите на Талибите во своите села и не дошле да си ги подигнат машините. Се прашувам дали Талибот во последниот ред и Гулам Фарук Ахмадзада имаат некаква врска, и каква, но не се осмелувам да го прашам.
Белобрадиот Ахмадзада дошол од Палеизаи во Аргхандаб со мажите од својата фамилија во придружба. Претпоставувам дека тие чекаат надвор од резиденцијата на гувернерот под полна бојна опрема. Ова би било сосема нормално и нелегално во Авганистан и со оглед на Талибан, се надевам дека се наоружани до заби.
Селото Палеизаи лежи на речен брег и има, за авгански услови, доста обработлива почва, навадувана и од реката, и од подземни карези. Садат калинки, праски, дињи и градинарски растенија. Порано имале и стада овци, дури и неколку расни коњи за чалам, вели, но сѐ однеле војните.
– Тракторите ни требаат за житните полиња, со години се запоставувани, прво во војните со Советскиот Сојуз, а сега со борбите меѓу Американците и Талибите. Ни треба мир да се занимаваме со земјоделство. Вака не можеме редовно да одиме на поле. Ќе избие битка и сите остануваме дома. А кога не сме на нивите, родот се запоставува. Што после ќе јадат сите тие сјајни борци?
[2] За овој традиционален јавачки спорт, види Бузкаши во прилозите.