Ана Пејчинова (извадок од „Пустинско срце“, Или или, 2026)

/, Литература, Блесок бр. 159/Ана Пејчинова (извадок од „Пустинско срце“, Или или, 2026)

Ана Пејчинова (извадок од „Пустинско срце“, Или или, 2026)

Подоцна дознаваме дека УСАИД и „Кемоникс“ одбиле да ги покријат медицинските трошоци на повредените Гурки, наводно, бидејќи „за тоа биле платени“. Солидарно и со благодарност, сите странци од кампусот собрале пари од џеб да им ги покријат во целост трошоците, иако  медицинскиот третман за најхрабриот Гурка, оној кој се фрлил на автомобилот бомба, траел со месеци, во најдобрата болница во Исламабад. Помислувам на капетанот Гурунг во Гардез, на Црвените шинели и на таа ретка, вистинска храброст на дело: да се затрчаш кон бомба знаејќи дека најверојатно ќе умреш. Да ги одбраниш другите со сопственото тело. Јунаците во Авганистан често остануваат без име и без почести. И без покриени болнички трошоци.

По тој напад, другите партнери на УСАИД ги затвoраат канцелариите во градот и се повлекуваат на КАФ или во Кабул. Во Кандахар остануваме ние и некои мали невладини организации со авгански персонал. УСАИД нѐ притиска да се повлечеме од Кандахар и од Лашкар Гах, каде што се случуваат уште неколку големи инциденти со жртви, но АВИПА останува на југ. Не е до менаџментот – нас нѐ фаќа некаков инает, речиси – Крис во Лашкар Гах и ние во Кандахар се согласуваме да не отстапуваме, сѐ уште не, додека можеме.

– Нема Талибан да ми каже што смеам, а што не смеам – се гневи младиот Вилсон. – Имам работа овде, за добро на нивните сопствени села. Само, камо да ни дадеа оружје в раце да можеме да се браниме. Вака седиме како патки во скривница и чекаме некој да нѐ спаси. Не можам да се помирам со тоа.

Меѓутоа, ние во АВИПА се чини дека сме оставени намира. Поминува време, а никој не нѐ напаѓа ни во градот ни на терен. Авганските тимови се враќаат на работа како ништо да не било. Некако продолжуваме понатаму.

– Тоа е бидејќи АВИПА има добра репутација меѓу Талибите – ми објаснува еден авгански колега. – Единствен проект е што работи во селата и не е корумпиран.

– Иншалах – одговарам – дај Боже така и да остане.

Погледот на Паштунот

Гувернерот на областа Аргхандаб, во провинцијата Кандахар, подготвува јавен настан каде што ќе се поделат десетина модерни трактори на месните земјоделци. Тракторите се, всушност, купени од страна на нашиот проект АВИПА, а се подаруваат на земјоделски друштва преку локалните владини канцеларии. Аргхандаб не е далеку од Кандахар и е релативно безбедно место, па се пријавувам да присуствувам со Авганите од нашиот тим. Еди и Брус пак ми се обезбедување.

Настанот е закажан напладне во еден жежок, ветровит ден. Резиденцијата на гувернерот е единствена неоштетена градба што ја гледаме во гратчето Аргхандаб. Владината зграда има утврдена капија и осветлување напоено со генератор, луксуз за обичните смртници.

Други градби крај патот, од глинени цигли и плет, носат темни лузни од ракети и експлозии. Ѕидовите по селата се дебели и до еден метар и сѐ трпат. Лесно се поправаат со глина што се копа директно од почва, но никој не се нафаќа за поправки во ек на земјоделска сезона. Луѓето овде веројатно немаат ниту желба за поправки: секојдневно има престрелки во Аргхандаб. Рафали куршуми и понекоја ракета често прелетуваат од другата страна на реката, каде што почнува „непријателската“ зона. Посебно овде, во средиштето на Аргхандаб, резиденцијата на обласниот гувернер е магнет за напади и сѐ околу неа попатно страда. Кој би поправал нешто што некој друг го урива секојдневно?

Во резиденцијата на гувернерот пристигнуваме пред закажаното време за настанот. Јас го симнувам панцирот и се мешам меѓу гостите во дворот. Очите на Еди и Брус ненападно шараат на секое движење во проценка на закана. Еден оди пред мене, другиот зад мене. На туѓа територија сме.

Над земјата од глина и белутрак е распнат огромен шатор од шарени килими и платна меѓу неколку прашливи, закржлавени ружи. Вжареното сонце пробива по малку низ ткаенината и шарите ги обојуваат ликовите на насобраните гости седнати на столови на расклопување. За гувернерот е подготвен мал подиум со катедра и микрофони. Тој, со значително доцнење, се симнува „со високи гости, од Кабул“, вели толкувачот, и настанот почнува. Не разбирам ниту збор од говорот на гувернерот, но по гордиот, рамнодушен тон можам да ги замислам фразите вообичаени за такви прилики. Озвучувањето толку зуи и шушти што го исклучуваат веднаш штом ќе се осмелат.

На настанот сум дојдена да фотографирам и да направам интервјуа за стории. Неможно е однапред да се планираат добри интервјуа: државните чиновници се, најчесто, ужасни за стории – рецитираат политички коректни параграфи, од кои излегуваат само генерички, пропагандни приказни. Гувернерот веќе не го ни планирам за разговор. Наместо него, ги меркам оние што ги добиваат тракторите како донација. Барам маркантни лица во толпата гости, посебно под големите турбани. И во Аргхандаб, како и во цел Авганистан, голем турбан значи висок ранг во заедницата: колку што е турбанот поголем, толку е позначаен човекот под него.

Одам зад публиката. Забележувам чуден распоред од зад грбот на гостите: додека предните редови се преполни со луѓе натрупани едни врз други, и многумина стојат, никој не посегнува по празните столови во последните редови. Овде седи сам, на средината на последниот ред, еден човек во црно. Турбанот му е огромен, а шалвар камизот му е од фина црна газа. Го гледам со дискретен интерес. Тој не ги врти очите кон мене, но го чувствувам дека ме варди под око. Седи без да се помрдне, со сериозно, бледо лице, во убав контраст со црната брада. Има нешто неподвижно моќно во начинот на кој се држи. Мало движење на раката говори за целосна, пресметана самоконтрола. Тој е центар на своето внимание, и изгледа како да е навикнат да е центар и на туѓото. Никој не седнува до него, никој не му приоѓа да се поздрави и не изгледа како човек кој кани на близина или поздрав. Молчи, сам и самодоволен. Другите гости упорно го заобиколуваат во широк агол.

Наоѓам еден авгански колега и дискретно му го посочувам необичниот човек во црно.

– Кој е оној човек?

– Ах – воздивнува. – Тој е овдешниот Талиб.

АвторАна Пејчинова
2026-11-02T20:00:30+00:00 октомври 31st, 2026|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 159|