Монти Пајтон под оган
О светски бајрактари,
Толку нѐ ранивте во име на безбедноста
Повикувате на ред и мир,
А праќате оружје и муниција
Матиула Тураб
Деновите на летото тивко прескокнуваат преку високите ѕидови што го опколуваат кампусот. Жегата трешти попладне како челичен товар над глава. Воздухот се жари и блед пустински песок трепери на зраците. Во градот нема воено присуство. Привиден мир владее со улиците, но нешто напнато навлегува во атмосферата. Огнометите на вечерното небо зачестуваат. Се слушаат прелети на борбени хеликоптери и експлозии во далечина. Секогаш кога слушам удар, помислувам: „Таму некаде, некој умира сега“.
Едно утро, едвај зора, нѐ буди експлозија. Татнежот е тука блиску, па грабнувам облека и подготвено ранче и во пижами трчам во скривницата. Чучиме со колегите, поспани и необлечени. Набргу доаѓаат Еди и Брус наоружани и вознемирени, но велат да се вратиме во собите, опасноста минала. Ни кажуваат што се случило: на уличката што води кон нашиот кампус, некој потерал магаре натоварено со експлозив и го детонирал на далечина. Чиста среќа било што Гурките го застрелале магарето навреме, па експлозијата се случила подалеку од стражарите. Сега, раскажуваат, магарешката глава лежи на влезот на кампусот. Останала цела, а телото на кутрото животно е разнесено на парчиња. Чистачите имаат доста работа тој ден додека да ги најдат сите делови од магарето разлетани преку ѕидови, паднати врз грмушки и на улица.
Еден Авган, туркајќи рачна количка со главата на магарето, ми го пресекува патот кон канцеларијата. Застанувам да помине и гледам во количката. Очите на животното му се отворени и стаклени. Голтам солзи за невиното магаренце. На ум ми паѓа онаа трагична песна на Вислава Шимборска што почнува со: Ние, коњите, одбиваме да умираме во вашите човечки војни…
Гинат и луѓе. Еден ден минуваме низ Кандахар, набргу откако самоубиец-бомбаш се разнел на улица промашувајќи воен конвој, но убивајќи невини минувачи, свои Авгани.
– Не гледај надесно! – ми свикува Брус од предното седиште.
Гледам надесно. Парчиња тело лежат на улицата: една нога во патика, крваво парче анонимно месо малку подалеку. Чудно колку е безлично телото кога животот го напушта. Вистинската смрт не е сентиментална. Такви моменти се памтат, како тишина.
Во „зоната без одмазда“, по некој непишан договор, не разговараме за опасноста од сопствената смрт. Меѓутоа, сите помислуваме на тоа. Не сум единствената што има изготвено тестамент, „за секој случај“.
Се подразбира меѓу нас дека на тој покрив сме привремено и само е прашање на време кога ќе нѐ повлечат од градот, ако нешто полошо не ни се случи. Јасно е дека Талибан е во подем на југот на земјата и дека Кандахар и Лашкар Гах им се на мета. УСАИД, Вашингтон и Кабул веќе нѐ советуваат да се повлечеме од регионите во главниот град. Не сакаме. Не уште. Уште ова лето, уште оваа година, уште малку, си велиме, да останеме на фронтот, на острицата на мечот, а и настрана од политичките игри на врвот.
Една топла вечер, Дон инсталира проектор на покривот, закачува платно на ѕидот и го подготвува Житието по Брајан на Монти Пајтон да го гледаме сите заедно – „кино под ведро небо“, вели. Ноќта е мирна и прекрасна за таква идеја, дури и комарците попуштаат на свежото ветре.
Седнуваме пред платното на проекторот и филмот почнува. Едвај жените преправени во мажи, со лошо залепени бради, почнуваат да го каменуваат еретикот на екранот, кога нешто ни ги поткрева столовите во воздух. Експлозија. Огромна. Се погледнуваме и се стрчуваме во скривница. По скалите, во трк гледам како дотогаш невидливи гекон гуштери и разни инсекти изнуркуваат од пукнатини и скришни места во ѕидовите и трчаат во правец спротивен на експлозијата.
Татнежот е сосема блиску, можеби сме под напад. Обезбедувањето, кој во полна опрема, кој станат од постела, но сите со оружје в рака, се стрчува на покрив. Се слуша престрелка, уште неколку експлозии и потоа пак пукоти. И потем сѐ се стишува. Седнати на под во скривницата, наслушнуваме, молчиме и чекаме. Доаѓа Еди да нѐ провери дали сме ок и да не е некој повреден во тркот и хаосот. Добро сме. Ни кажува колку што знае.
– Не сме ние. Кампусот на „Кемоникс“[1] е, блиску. Има жртви, по сѐ изгледа. Почекајте уште малку, за секој случај, но не сме во директна опасност, може и да се вратите во собите.
Гневни сме што наши колеги се нападнати. Нема да фатиме сон по претрпениот страв и стрес. Од немоќ нешто да промениме, нѐ фаќа инает: се враќаме на покривот и го догледуваме Брајан. Успеваме дури и да се смееме на хуморот на Монти Пајтон, но толку невесело. Мракот на туѓите рани нѐ гори во свеста. Тоа го премолчуваме. Едвај чекам да заврши филмот за да се повлечам во својата соба, да бидам мрачна со мрачни мисли.
Наредниот ден ни кажуваат што точно се случило. Автомобил-бомба се обидел да се пробие до кампусот на „Кемоникс“. Мерките на безбедност биле на место – исти што и ние ги имаме: секој автомобил мора да вози во цик-цак меѓу ниски препреки за да ја мине пристапната уличка, која е затворена со две рампи на почетокот и на крајот. Автомобилот со директен удар ја пробил првата рампа, но возејќи цик-цак изгубил време. Еден од Гурките на стража на внатрешната рампа веднаш се стрчал кон него и во трк одблиску го застрелал возачот. Возилото експлодирало, но Гурката е тешко повреден, со рани и изгореници, во критична состојба.
Нападот не завршил со тоа. По автомобилот, се затрчале четворица напаѓачи, но Гурките и другите од обезбедувањето веќе биле на позиција и тука почнала престрелка. Уште петмина Гурки се повредени, но не се во критична состојба. Истата ноќ ранетите се пренесени во канадското ПРТ на итна помош.
[1] „Кемоникс“ е една од големите компании кои имплементираат проекти на УСАИД.