Прашина

Прашина

Годините минати; годините со неа и годините без неа, ликуваат. Навраќањето е блага болка која со сласт си ја нанесувам, и која секогаш успева да ми ги замрзне мислите; токму толку, колку да можам да дејствувам. Другото – тоа се само одблесоци… Којзнае дали е битно, и дали воопшто некогаш било битно зошто работите се повторуваат – секогаш. Сега, јас повторно сум Тогаш, а не сум. Таа повторно е Тогаш, а не е. Само времето е Сега.

* * *

Со усни суви од страст, минувам по нејзиното тело. Некаде зад очите ми ечи ехото од релјефот на нејзината кожа; сите оние линии одново се врежуваат во мојот Ум, на истите места каде што беа некогаш… Се обновуваат, се откриваат, како некоја одамна покриена статуа, со покривка натежната од живата прашина падната врз неа со времето што беше предолго, предолго; премногу, и премногу долго.
Очите ја пиеја. Носот го голташе мирисот што беше сеќавање, враќање.
Се затвораше циклусот. Токму така. Токму овде. Во овој момент, таа беше Вчера, Денес.
Ниеднаш не помислив Утре.
– Знаеш, имав заборавено како изгледаш“ – гласот ми гребеше засипнато. – Но, оној внатре во мене се сеќава…“ – сакав да ги затворам очите, но очните капаци ми се мермер, не се помрднуваат.
А таа ги имаше заклопено своите.
Не ги отвора. Како да се плаши да ми ги покаже. Само испушти некаква молбена воздишка, извивајќи се, и ме зграпчи за главата повлекувајќи ме кон своите гради.
Се спротивставив.
Не. Само помислив тоа да го направам.
А во Умот продолжив да го барам сеќавањето за она, скриено зад нејзините очни капаци… Во себе ја молев да престане. Да ме ослободи од прстените на страста на нејзиното тело со кое ме беше обвиткала, и да ми ги покаже длабините на синилото во кое што сакав да нурнам…
… Да потонам. Да задишам од спокојството внатре.
И да распарчам. Да запалам. Да ја разгрнам пепелта и да играм врз гробот на сè она што некогаш ме радуваше, за да можам повторно да се радувам.
Зар има друг начин да се сетам на радоста?
А таа не попушта. Ме влече. Моја е страста, но каде сум јас? Страста постои без мене. Ми ја одведе, ја оддели од мојот Ум, ја отуѓи од мојата душа, и само таа остана во телото мое.
А јас лебдеам. Одозгора. Без своето тело. Без страста. Таа остана долу. Ги чувствувам брановите задоволство што ги испраќа моето тело.
И оној внатре во него.
Оној што се сеќаваше.
Со солзи во очите ми зборува за она што веќе не го имам, за она што уште одамна го немам, она што веќе не е мое; она што повторно оживеа за да го возобнови, само за еден краток миг, пеењето на изгубените радости…
… Колку да не заборавам. Не предвреме.

* * *

Се видов себеси во облак прав.
Прав толку густ и темен, што всушност не се ни видов себеси. Само знаев дека сум таму.
Со неа.
Испреплетени со телата што се претопуваа едно во друго, ми се губеше што е нејзино а што мое. Правот беше токму толку густ. Се виореше околу, чекајќи да падне, повторно таму каде што и беше порано за долго, долго време…
Чувствата ме изневерија. Не ми помогнаа.
Сеќавањата ми се лутеа, ме презреа. Но, Барем знаев зошто…
– Празно ми е некако…“ – помислив и реков истовремено.
А таа не знаеше како ѝ е. Можеби нејзиното тело знае. Само тоа е тука, сега.
Ќе го знам тоа, само да ги отвори очите. Само да ги отвори, и да влезам внатре.
Имам трпение. Ќе чекам.
Онаа празнина беше молкот меѓу мене и себе. Оној внатре не сака веќе да ми зборува. Тој го кажа своето. Одамна.
И тој има трпение. И тој ќе чека.

* * *

Чадот од цигарата заминуваше наугоре. Создава облак; барем личи на облак. А јас се трудам, да ги ставам и ѕвездите на плафонот, за глетката да ми е целосна. Но, не ми успева.
А толку сакав да гледам во нив.
Ми беа потребни. Сега ми се потребни. Но не можам да ги довикам. Во сеќавањето едноставно нема простор за нив. Не сега.
– Треба да си одам…“ – велам, а она што ме мачеше беше дали некогаш воопшто ќе можам тоа да го направам – сосем.
Колку ли од себе ќе оставам во оваа соба, овојпат?
– Јас и ти сме споени овде, знаеш…“ – ѝ го допирам челото со своето – – … ако веќе не овде.“ – ја спуштам раката меѓу нејзините дојки – Па колку и да не сакаме да си признаеме… Понекогаш се прашувам дали ти тоа воопшто го знаеш…“.
А таа, полека, нежно, како што знам дека умее; само таа како што умее, се намести така, да можам да ја прегрнам. И да ја помилувам. И да немам друг избор освен да го направам тоа.
Ги отвори очите. А јас се загледав во нив. Како првпат да ги гледам. Но не го прочитав одговорот.
А одговорот беше: – Знам“.
Одговорот беше: – Па што ако знам!“
И не само во очите… Одговорот беше тој. Во целото нејзино тело, во секое нејзино движење, во молкот… Но, не можев да го прочитам. Иако го знаев, да го прочитам – не можев.
Најверојатно затоа што таа не го сакаше тоа.
– Можеш и да останеш…“ – прошепоти, го обвитка своето тело околу мене, и ја спречи мојата реакција со бакнеж. И милувања. И нежност што беше отсекогаш само нејзина. Моќна.
Оној внатре во мене повторно извика од радост, и скокна во во витлите на огнот што таа го палеше. Релјефот на нејзината кожа повторно почна да се разлева врз моите усни, кои страста одново почна да ги суши, до болка… Жедно се припивам до неа, давајќи ѝ го она што го бара; а само дел од онашто можам да ѝ го дадам… а сето тоа…
Сето! Сето тоа го претворам во страст. Во оган, во којшто таа самата сака да изгори!
И повторно ја слушам истата воздишка; и веднаш ги барам нејзините очи. Во истиот момент.
Но, тие веќе беа затворени. Повторно.
Повторно, одново.
И сè – одново. Сè повторно…
Солзи потекоа од моите очи. Не навистина; но, ги чувствувам… Не оној во мене. Туку… оној што бдее одозгора.

И повторно, сè одново.
Некои работи едноставно не сакаат да престанат да се случуваат… Тоа го знам. Не знам ни сам, дали сакам да престане… Не повеќе.
Веќе ништо не знаев.
Ниту тогаш кога заминував дома, со оној дел од мене кој успеа тоа да го направи.

Скопје, ноември 1994

2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 07|