согледан низ призмата на политичкото
– постмодерната како незавршен проект – поимот на политичкото –
За многумина е познато дека постмодерното мислење ја напушта конститутивната врска значајна за дискурсот на модерната, врската меѓу историјата и умот. Постмодерната тврди дека модерната го доживеа својот крај зашто во основа беше проект што не можеше да се оствари, затоа што се потпираше врз верувањето во она што често се нарекува „големи метанаративи“, што е само друг израз за „големите приказни“ кои со милениуми доминираат во Западната култура и цивилизација. Овие „големи приказни“ на различен начин се појавуваат и се именуваат низ историјата.
Најпрво, дали терминот постмодерна може да се изедначи со познатиот логичен парадокс на Лиотар за минатото-идно време (post modo), односно со познатото тврдење дека постмодерната ѝ претходи на модерната, што имплицира дека едно дело мора прво да настане, да ги објави своите правила, па потоа некој секундарен метадискурс, да ги проучи и да ги пропише нив? Или пак, можеби, постмодерната естетика што ги затвора очите пред модерната, просто се губи во неа… Дали литерарната постмодерна е во многу нешта наследник на радикалната модерна, како што тврди Андреас Килб? Како и да е, пост не е движење на come back, на flash back, на feed back, туку, како што вели Лиотар, процес на „ана“: анализа, анамнеза, аналогија, анаморфоза која го елаборира „почетниот заборав“.
Така, Жан Франсоа Лиотар смета дека постмодерната не е враќање назад, туку дека е анаморфоза на модерната којашто е во криза, а Јирген Хабермас вели дека постмодерната е враќање назад и дека напуштањето на модерната е, всушност, нејзина криза. Овој спор се обиде да го расчисти Маурицио Ферарис кој сметаше дека во прашање е едно недоразбирање, Според него, кај Лиотар постојат две сфаќања на постмодерната: историско и метаисториско.
Имено, Лиотар, пред сè, разликува три предуслови за модерно познание: повикувањето на метанаративи за легитимирање на втемелувачките тврдења; неизбежниот резултат на (де)легитимирањето и на исклучувањето, и желбата за хомогени епистемолошки и морални прописи. Постмодерното познание, пак, е против метанаративите и втемелуваштвото; тоа ги избегнува големите шеми на легитимирањето и е за хетерогеност, плуралитет, постојана иновација и прагматска конструкција на локални правила и прописи околу кои учесниците ќе се согласат; а со тоа е и за микрополитика.
Впрочем, затоа најкратката дефиниција за постмодерната која би можеле да ја изведеме читајќи го Лиотар, од овој аспект, е дека таа претставува „недоверба во метанаративите“. Притоа, под „метанаративи“ се подразбираат сите оние општествени дискурси со коишто се оправдува, се легитимира некоја општествена практика. Оваа стратегија на постмодернизмот е најчесто оспорувана со аргументите дека се делегитимизира една пракса за да се воспостави друга, дека се поништуваат броителите за да дојдат на нивно место именителите. Таа опасност секогаш постои, но обично постмодернистичките автори ја нагласуваат само нивната деконструкциска улога: размрдувањето на крутостите, недозволувањето на една практика да се тотализира, да стане режим. Постмодернизмот секогаш интервенира на оние места каде што еден, макар и најдобар идеал, станал средство за тотализирање и за насилство над другиот. Токму затоа, постмодернизмот не е метанаратив, затоа што е неканонски, инклузивен, постојано во некое натегање, во некаков грч, во некаков процес.
Постмодерната литература (како и постмодерната уметност) оди паралелно со теорискиот дискурс и не е можна без него. Таа воспоставува некој вид идентитет помеѓу литературата и свеста за неа. Во таа смисла, Лиотар ќе напише: „Уметникот или писателот на постмодерната се наоѓа во положба на филозоф“. Но, постмодернизмот, истовремено ги афирмира и ги негира, ги потврдува и ги оспорува поимите врз кои го базира својот теориски дискурс.
Засновувајќи ја својата политичка филозофија врз сознанијата дека „малите наративи“ имаат способност да ги оспорат авторитарните системи, Лиотар смета дека дури и маргинализираните индивидуи ја имаат моќта да го пресвртат репресивниот општествен систем. Ова доаѓа оттаму што, според Лиотар, легитимизацијата на која и да е „голема наратива“ (на пр. познанието) не е толку прашање на вистинитоста или на доказите туку на моќта на институциите што манипулираат со овие концепти. Токму затоа, постмодерната состојба се карактеризира, според Лиотар, со борбата меѓу „големите и малите наративи“ за тоа кој ќе ги контролира знаењето и средствата за пренесување на знаењето.
Несомнен е либертанизмот на оваа Лиотарова мисла што смета дека со деструирањето на монополите на институциите („големите наративи“) ќе се случи ослободувањето на „малите наративи“ од авторитарната контрола, но, од друга страна, несомнена е и политичката „наивност“ на ваквото мислење. Сево ова ни покажува дека постмодернизмот е повеќе збир од ставови во однос на авторитетот и на авторитарноста, отколку што е кохерентен филозофски правец. Во ваквиот збир од ставови фокусирањето е насочено кон единката којашто е опкружена и завладеана од системите и од теориите (големите наративи). Поради тоа, постмодерните уметници, архитекти, музичари и писатели сосема слободно се однесуваат кон традиционалните уметнички вредности, преработувајќи ги на свој начин, честопати со многу иронија.
Ставот на недоверба кон метанаративите (една од нив, секако, е и модерната), одбивањето да се прифатат авторитетите, во естетиката води кон едно слободно преземање на ставовите и на софистите (Протагора, Горгија) но и на еден Кант, со што естетиката што можеме да ја изведеме од Лиотаровата теориска мисла ни се покажа како една „анти-естетика“ што критички се однесува кон самата естетика и кон клучните естетички поими; едни отфрлајќи ги (убавото), а други преработувајќи ги (возвишеното). Лиотар како „постмодерен анти-естетичар“ на тој начин и самиот наликува на постмодерните уметници кои се сосема среќни и задоволни што можат да ги преработуваат старите стилови и форми, не сакајќи отсечно да прекинат со традицијата (како што тоа го правеа модернистите). Заложувајќи се против она што тој го нарекува „терористичка“ и „тоталитарна“ теорија, Лиотар непопустливо го велича мноштвото дискурси и позиции против една обединувачка теорија.
Овој значаен автор го започнува својот истражувачки пат со идејата за децентрираното сепство. За него, сепството никогаш не може да биде сопственик на значењето. Лиотар смета дека сепствата се „секогаш веќе“ презентирани како дел од општествените врски; тие се секогаш веќе функција на јазикот, каде што јазикот не е еден монолитен дискурс туку мноштво различни дискурси без некој голем наратив кој би ги поврзувал различните јазични игри – сè што постои таму е разновидност од елементи. Субјектот е наратив со отворен крај и затоа секој опис на сепството ја потиснува неговата радикална плуралност.
Ова децентрирање на сепството има значајни последици врз општествените релации. Лиотар оперира со верувањето дека секоја општествена теорија која претпоставува дека општествените (културните или лингвистичките) елементи се сразмерни или дека целината е детерминирана, всушност, охрабрува еден „режим на терор“. Со „терор“ Лиотар сака да го означи сето она што би ја содржело или ограничувало бескрајната природа на сепството.
Исто така, за Лиотар, целта на дијалогот не може и не смее да биде консензусот: „Хетерогеноста го прави консензусот невозможен“, бидејќи консензусот е „само одредена состојба на дискусија, но не и нејзин крај“. Попрецизно, крајот треба да биде паралогијата, несогласувањето.
Неговата полемичност и истакнувањето на дисензусот укажуваат дека конфликти има и во јазикот и дека предизвикувањето на постоечките дискурси е една важна компонента на општествената критика и трансформација. Лиотар ја отфрла макротеоријата и ги фетишизира разликата и паралогијата, жигосувајќи ги притоа тоталитетот, консензусот и универзалноста. На тој начин, Лиотаровата постмодерна теорија го афирмира расколот како принцип на праведност во кој на сите им е дозволено да дискутираат и да влезат во теренот на општествената полемичност.
Наспроти модерните концепции за праведноста што тежнеат кон создавање праведно општество преку преобразба на макроструктури што се темелат врз некоја општа теорија за праведноста, Лиотар предлага една „праведност на многукратности“ што е вкоренета во микрополитиката. Тој се разликува од другите постмодерни теоретичари по тоа што се сосредоточува врз етичкиот и политичкиот дискурс на праведноста како главен фокус на неговата постмодерна политика.
Така, Лиотаровиот концепт за праведноста како „праведност на многукратности“ интервенира како патрола на границите на секоја јазична игра и ја задржува суштинската слобода, а ја елиминира репресијата. Да се дефинира праведноста како разновидност значи да се забрани теророт со кој еден систем се обидува да се надреди над друг, наметнувајќи се себеси како доминантна (правилна) игра. Од ова би произлегла голема неправда, како што му забележуваат некои современици, бидејќи со тоа би се замолчела разновидноста, а Лиотар работи за забранување на токму ваквата неправда1F. Моралниот закон (во Кантовска смисла) кој Лиотар го бара, е оној кој во себе го содржи критериумот на универзален закон, а со тоа се наложува, како што тој е принуден да признае, враќањето кон идејата за единството и за тоталитетот.
Всушност, исто како што е грешка да се универзализира тоталитетот, исто така е грешка и да се универзализира разликата. Лиотар запаѓа во оваа стапица заглавувајќи се во лажната дихотомија: или релативистички плурализам или терористички консензус! Тој ја универзализира разликата од што произлегува неговата неможност да ги замисли консензусот и заедницата како сè друго освен тотализирачки, значи терористички. Кај Лиотар не се гледа разграничување на терористичките од нетерористичките форми на консензус, на единство и на заедница. Универзализираната разлика ги оневозможува нив. Кај него, бездруго, погледнато низ призмата на поимот на политичкото, и ги нема идеите за заедништво, за интерсубјективност и за разбирање. Лиотар во таа насока, исто така, е склон политиката да ја сведе на една етичка идеја за праведноста иако, од друга страна, не успева во своите дела да развие етика. Таквиот недостиг, имено, според многумина истражувачи, е карактеристичен за сета постмодерна теорија.
Проблемот со гледиштето на Жан Франсоа Лиотар е, според големиот број научни забелешки во поново време, тоа што тој претпоставува дека консензусот мора (нужно) да биде обележје на теророт. Ни се чини мошне издржан ставот на некои други постмодерни протагонисти дека консензусот може, исто така, да биде обележје на суштински договор и дека тој не е едноставно замолчување на разновидноста: консензусот е неопходен за една остварлива политика. Политиката што се регулира преку идејата за разновидноста, според некои понови научни согледби, не е можна во рамките на системот на Лиотар, бидејќи тој го нуди Кант како модел, а тоа е модел кој едноставно е непослушен кон радикалната разновидност која се бара од постмодерната естетика и од политиката на разликата.
За разлика од Лиотаровото еднострано славење на разликите, расцепканоста и дисензусот во агонистичките јазични игри, голем број современици тврдат дека и во теориските и во политичките сфери понекогаш е потребно да се нагласуваат разликите, плуралитетот и хетерогеноста, додека во други контексти може да биде поповолно да се бараат општости и заеднички интереси.
На крајот, можеме ли да имаме идеја за консензус која, истовремено, ја почитува идејата за разновидноста? Ние го заземаме ставот дека овие две идеи се компатибилни сè додека политиката на разликата ја темелиме врз променливото разбирање на „субјектите во заедница“. Тоа е, секако, предизвик за времето што ни доаѓа во пресрет, со цел подобро да се осмисли нашата ситуација за да можеме и подобро да ја разбереме состојбата што нè опкружува.
Консултирана литература:
1. Lyotard. J. F. Postmoderna protumacena djeci, August Cesarec; Naprijed, Zagreb, 1990.
2. Liotar. Z. F. Raskol, Izdavacka knizarnica Z. Stojanovica, Novi Sad, 1991.
3. Хејбер, Хони Ферн. Отаде постмодерната политика: Лиотар, Рорти, Фуко., Институт за демократија, солидарност и цивилно општество, Скопје, 2002.
4. Даглас Келнер; Стивен Бест, Постмодерна теорија, Култура, Скопје, 1996
5. Џепаровски, Иван. Уметничкото дело, Култура, Скопје, 1998.
6. Алаѓозовски, Роберт. Обвинети за постмодернизам, Магор, Скопје, 2003.
#b
1. Сепак, и покрај сè, концептот за праведноста како разновидност самиот по себе нелегитимно се користи како апсолут, а не како релативен термин. Ова го воведува Лиотар во тешкотии, кога тој се обидува да го легитимира неговиот апсолутен статус.