Спроти куќата на Спиноза

/, Блесок бр. 99/Спроти куќата на Спиноза

Спроти куќата на Спиноза

Спроти куќата на Спиноза
Дете на судбината
Хиџра "92.
Рамонси на ѕидот на спалната за Мајда
Педесеттите По Адам Загајевски

гледам така
некои дами
во уличката
спроти куќата на Спиноза
и се сеќавам
како пред околу десет лета
некаде во ова време
стигнавме тука

по корка леб
или по некоја торта
(кој како сака)
на демократскиот Запад:

тие под плаштот
на телесно-паричната размена,
а јас во чекор со членовите, пасусите и алинеите
на својата угледна Институција.

и веќе на прв поглед
ми станува јасно
дека и по десет години
здробени во туѓина
сѐ уште нѐ врзуваат исти нешта:

флексибилно работно време
недоверба кон други странци
и слични видови
на проституција.

ја гледам Елојз
како и понатаму незаинтересирано везе
и Алина
како брзо ги менува станиците на црвениот транзистор
и Амра и Џамила
како продорно се смеат
мазнејќи ја ќелавата глава на некој крупен
црн пријател

додека јас го туркам
точакот
(како тркало на судбината)
и си мислам дека
од прозорецот на Спиноза
па до последниот излог со црвено светло
во овој миг слободно
цветаат и се шират
(со хировите на еуклидовата геометрија)
илјада цветови
на еден невидлив
Бермудски триагоник
излепен со човечки ливчиња
заглавени во таканаречениот
подобар живот
како камења во бубрежни канали
на нашите третосветски крлушки
што како дотраени бродови
ги довлечкавме овде од своите Белорусии, Украини, Уганди,
Киргистани, Гани, Романии, Хрватски…

за сега да се гледаме неми
како оние јагули
по аквариумите
во кинеските ресторани.

и сѐ некој да нѐ
сврти наопаку
да нѐ исплеска и да нѐ приклучи
на космичките полиграфи
за нажалост од нас да не истресе
ниту едно единствено ретче
од големата Етика на Барух

2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Поезија, Блесок бр. 99|