БЕЗ БРОЈ, БЕЗБРОЈ
на П. М. А.
И Љуботен повисок со тебе,
подлабоко Охридско за тебе.
За мене беше како
Климент и Наум
сиот верба,
прв да даде ука.
Таа дружба
не ја мери дукат,
само спомен
страк песна и гербер.
Лицето му беше зборот
зборот порој
сѐ до тихо море.
А отплови како Ное
чунки доен
од цицката на надежта.
И кога расипував од направеното
ми носеше колце
да ме носи,
со главина, мождалници, и со спици,
со наплатки и со кавран,
за да крепи, упорствува,
ама не на едно место.
На тој престол седнат
беше цар на Преспа,
на Дојран и цар на Струга.
Сега угар
што ќе роди
на стотина страни.
Броените овци
волците ги јадат,
волк на молкот
од болка до болскот.