ПО ТРАГАТА (ПОТРАГАТА) НА (ЗА) ТАГАТА
Тагата се радува
кога ќе те зграпчи.
Да те гриза дел по дел.
А цел.
Да те гмечи сецка меле
ко што целер
рендаш за салата.
Да те дроби, да те цица,
таа има многу лица,
а ти сам си,
еден.
Со радост се множи
така расне и ја има
доволно за сите.
Секој може да ја купи.
Понекогаш,
не мудри а глупи
решенија
се валута,
нив ги има што се вели
со лопата да ги ринеш,
а тагата е евтина (не е златна)
па, скоро е бесплатна.
Тагата е твоја
од раѓање ти е печат,
и тие и тие
што сакаат нека речат,
не ја буди, пушти ја да спие.