БОГУМИЛСКИ ДОМ
на Најдо и Стамена
Домот богумилски
стилски
и јазично
припаѓа кон периодот
на сонцето
и срцето.
Умот и мракот
знакот
и печат
на минливото
на животот
истото трошно
сакаат да му го речат.
Но
домаќините на оваа куќа
знаат
да ткаат
од веѓа светлина –
преѓа од погледот
што како сончогледот
кон сонцето плови.
Така му го скратуваат
правото на мракот
повивајќи ја вселената
во пелена
за чисто ’ртење
измиено со солзи.
Домаќините ја изградија
оваа куќа
во своите и нашите срца
од каменот на југот
малтерисан со македонска земја
и овој светлосен бедем
станува патоказ
за залутаната душа
и сончево плато
за атот
на сонот.
Затоа принципот
им го следиме
и ги редиме
деновите
како проѕирни темели
низ кои само се минува
а не може да се срушат.