ПАТНИЦИ
на Жена ми и на Син ми
Добре дојдовте патници светски;
имате како ѓон табани,
но прекрасни очи детски
и во нив радост, ко баба ни
кога го бакна поповиот петрахил
пред Св. Никола на крштевањето вода,
а добриот отец Страхил
и вас ве благослови молејќи ви добар ветер
и мирна вода.
Ве прашувам, која ве води
ѕвезда
без да
затрепери за дома душа,
кој глас го слушате и кој вас ве слуша?
А знам дека единствен дом ви е срцето,
а ве води нешто што со име не се нарекува,
за вас не постои зима распослани сте во вечно лето
и само така може сега и секогаш да се векува.