КАЛУЃЕРОТ
на Мето и Јанко
Во наосот
носот
душна
трепна око
школка
ушна
ја заслушна
тишината.
Со непцата
тој заграби
воздух стаен
ја исполни утробата
со син пламен;
копнеж краен
за светлина.
И се здаде
да ги гушка
да ги гали
тие свети
и да моли
да преболи
светли сенки.
Симфонија му ечеше
во ушите.
Тој клечеше
и душите
ги канеше
на мртвите
на сливите
на живите
на дивите
в еден собор;
алхемија.
Кога му се јави
гласот
тој спасот
го отфрли
и се фрли
пак да кани
да се моли за
другите
заслугите
свои ги сокри
ги препокри
подовите
со мек чекор
од присуство лишен
и возвишен
ко чад темјанен
се всели во ѕидот.
Од каменот
тој ме гледа
јас беседа
започнувам
и го молам
да ме спомне
во своите молчења.