ПЕСНА
После толку
прочитани антологиски песни
ми станува јасно
дека морам да повикам
макар една
и јас.
Тоа е прашање на чест
на опстојување
на доблест
на ултравиолетов зрак во грбот
рано претпладне.
Рецептот е сосем прост:
недостиг на лажичка запирки
па свиваш во втората строфа десно
и штосот е во капнувањето на солзата
како зачин и масло едновремено.
Но сѐ уште не знам
колку се пече.