Косматице, 20 март 2022
Праќа порака дека со баба ѝ, мајка ѝ
и дванаесетгодишниот брат
ќе тргнат од Будимпешта околу дванаесет.
Ги чекам цело попладне;
ги проветрувам ќебињата, ги редам крпите,
свежата постелнина. Кога ги местам креветите
си ги сликам пред себе нивните имагинарни ликови.
Пробувам да се зафатам со ситници
и не сакам да си признам дека ми е страв.
Маја праќа нова порака еден час
пред да пристигнат. Петер оди да ги пречека на патот
за да не погрешат во мракот.
Околу седум загледувам светла на автомобил
што претпазливо вози кон куќата. Нервозен сум дури ги чекам
пред вратата, кога здрвени од долгото возење излегуваат од колата.
Добре дојдовте, велам и несигурно прво
ја прегрнувам Маја. Потоа и баба Татјана и мајката Полина.
Арсениј стои на страна и гледа во земја.
Кога влегуваат, Татјана ме прашува каде е мајка ми.
Изгледа Маја не ѝ објаснила сѐ, па мисли дека Петер ми е татко.
Потоа седнуваме нa маса. Не поставуваат многу прашања
и Маја самата кажува дека тато
останал во Киев во територијалната одбрана.