Кога ќе ја проучувам семиотиката?
Кога ќе бидам интертекстуална?
Кога ќе можам да го применам постмодернизмот
врз македонските раскази
а во светските
кога ќе бидам компаративна
како мојата со твојата гарсониера
како мојата со твојата постелнина.
Твојата леди, пријателе, нема долго да те чека
гледаш дека од принцезите останува само легендата.
Твоите деца, поету, сè уште се гладни
иако ти припадна книжевна награда.
Ќе те љубам туѓинецу сè додека го знам мојот јазик
Туѓинецу ќе те љубам сè додека го знаеш својот
јазик.
Кога да се листа теоријата на книжевноста
Кога да се поцртува методологија
Водиме љубов во самата литература
Најслатко спиеме во лингвистиката
Нашиот живот е in medias res – поезија.
Според книжевноста, да, но тоа не било важно.
Но според законите на науката за книжевноста
со тебе никогаш, никогаш нема да станам бесмртна.