(сè што ѝ давам на оваа песна)
Ѝ ги давам на оваа песна моите две раце
кои заборавиле да пишуваат на живите јазици.
Ѝ го подарувам модриот град
кој се движи од една стравотна мисла.
Неговото поместување е, сепак, ограничено
на малото дно меѓу два рида.
Ѝ ја давам мојата претесна соба
и така се откажувам од неа.
Ѝ ја давам на оваа песна зебрата
што лежи на терасата од мојата сосетка.
Ѝ давам и една баба
што пука со ќорци на Месечината.
Ѝ го давам свирачот на школка
кој спие во мојата када.
Ѝ давам на оваа песна
лик од непозната претстава кој убедливо
повторува:
Сè ќе биде прекрасно како што беше и досега!
Ѝ давам на песнава неколку сетила повеќе
отколку на обичните минувачи –
– така нема да ѝ избега вистината.