Каде сум јас
во слоеви од спомени нацртана
во градска прашина втисната
во капки дожд измиена
удирам со рибина опашка
да ги разбранувам меѓуредовите
да ги помешам стиховите
да се намести вистината
ме има ли во ова лето
ако замислувам зима
ако боцкаат снегулки по јазикот
вжештеното срце да го помодрат
течат низ мене зраци
толку мирна
и толку поделена
како далечен автопат за светли и темни светови
ја барам ли втората половина
ако не сум половинка
мозаична
ако ги сакам сите делови
сите мои или сета јас, нечија
делови од душа
од мисли и спомени и минати животи
делови од вселена и насетувања
одживеани соништа
ајде заедно да се бараме –
тука сме цело…
(Белград)