Помеѓу Август и еден варварин
Над вишните планини
и жешките песоци,
над брзите реки
и пустите рамници –
таму лежи земјата
каде се лееја жестоки солзи:
каде ечеа громови и бури,
каде јуреа бизони и диви говеда,
домородците и странците
пролеваа крв како вода,
хранејќи ја гладната земја.
Овидиј чекореше таму,
колнејќи ја со измаченото грло,
а таа си кажуваше што мисли
сеејќи песок со својата врела реч,
не чекајќи го крајот на светот,
бидејќи беше веќе блиску
и без некој име да му даде.
О безгранична Скитијo
втисната во минатото
како во стврднат килибар.
Земам длабок здив,
слаби и немоќни се моите зборови
пред глетката на твојата земја
покриена со снег.
Само хиероглифи од дрвја
што Господ ги чита в зори
на белите страници на зимските полиња.
Чамци заробени во мраз,
со отворени усти
чекаат човек да ги фати.
Спротивниот брег на реката,
кој е далечен како сон за среќа,
повлекува тенка линија под минатото
чие непрепознатливо лице
се одмрзнува во накострешената магла
обрабено со заледените коси на жалната врба
Зимата ја спушти завесата за третиот чин:
Но, паузата предолго трае,
чиниш затворска казна.
Застаклениот воздух ѕвечка, се потсмева
на надежта и ги премрзнува прстите
и вербата во подобри времиња,
благонаклонети кон провинцијалците
и луѓето што не се на список.
Чад од далечна колиба
го пара небото со црн конец –
знак за последната врска со Бога,
прв миг на преродба во пустината.
По ноќната виулица
патиштата се потонати во длабок сон,
а снегулките одмораат
од својот долг лет.
Време е за големиот поет:
нема ривали или
слушатели, никој што прислушува.
Студот во колибата сака да се мери
со студот на улиците,
те турка надвор
во потрага по потопло место.
Ти не си птица преселница,
нема да најдеш потопли краишта.
Ти си стар и уморен гавран,
исполнет со жолчна горчина.
Не леташ ни преку оградата –
искуството ти натежнало на крилјата.
Го тапкаш мразот во снежниот нанос.
Твоето минато е светло како сонцето
над прекрасното Егејско Море,
разбранувано од слаткиот мирис на
расцутените јаболкници и ловор,
ти се насмевнува како да си варварин
со расипани заби.
Помеѓу замавите на нишалото
твојот живот е распнат.
Научи ги како се љуби.
Научи ги нив, неизмиени, парталави,
во овчи кожи – диво стадо.
Научи ги како да направат фризура,
како да бакнат голо рамо,
да одат со лек и заводлив чекор
и да победат во постелата од свила.
Страв од стрелата виси во воздухот,
страв од оган и ненадејна смрт,
мириса на кралска милост,
младешки оргии
и невнимателни зборови,
самоуверени во нивната праведност.
Кажи им, налик на рунтави овци,
со скршени нокти
и бушава коса,
дека си поет
и дека царството
ти се поклонува –
остави ги да се смеат.
Кажи им на Римјаните – дека си невин,
дека сè е игра на зборови
и мамка за масите,
лов на слава како да е риба.
Сега рибите се заробени во мразот,
сега реката е само пат
преку, а не покрај,
а еден варварин ита напред
со твојата лична стрела.
Само неколку песни
ти се останати
пред Август да ја пушти стрелата,
која лета од Рим,
од лакот на еден скитник.
Дволичен Јанус –
твојот ловец,
кривоног Хун
нацерен од радост
додека ти ја зема овчата кожа
и семејниот прстен
со портрет на роднина.
А златниот профил на Август
ќе се смее и смее
во ладните сарматски пространства,
вечната империја
поделена помеѓу вас на еднакви делови.
превод: Милан Дамјаноски