Поезија – Теодозија Заривна

/, Литература, Блесок бр. 155/Поезија – Теодозија Заривна

Поезија – Теодозија Заривна

 

***

Мора да си среќен,
тоа ти е должност
кон оние што биле
и оние што ќе бидат.
Секое утро треба да одиш
некаде, кај некого,
треба да се вратиш ноќе
и да донесеш леб.
Мора да ги отелотвориш сите сништа
и да ги сакаш најдобрите од нас,
а исто така и најлошите,
тие кои можеби ти се одвратни.
Мора да го вратиш
тоа што ти е дадено –
од некого, некогаш и заради нешто.
Не треба да бидеш товар
на блиските, братучедите и пријателите.
Треба да бидеш машина за живот,
вечен мотор и златна игла,
за да не за’рѓаш предвреме.
Мораш.
Инаку, што ќе кажеш таму,
кога ќе те прашаат строго,
како ученик за време на долг испит:
Дали успеа да бидеш среќен?

АвторТеодозија Заривна
2025-02-11T19:04:39+00:00 февруари 8th, 2025|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 155|