Поезија – Мањола Наси

/, Литература, Блесок бр. 156/Поезија – Мањола Наси

Поезија – Мањола Наси


СПАРТАК

 

I

Извесно време, мислев дека нема да ме заборават,

но, се разбира, грешев.

Има илјадници причини за заборав,

а за паметење, секогаш помалку:

на пример, во ваше време,

на еден концерт, кога другите пееја, вие слушавте,

подигнувањето храм или приказни во кои ги засолнувате вашите богови,

(без оглед колку малку ќе бидат користени за таа цел),

или нешто што порано или подоцна би се случило,

како првиот бакнеж,

заслужува, барем за повеќето,

повеќе сеќавање

од, да речеме, шестте илјади стари крстови на Вија Апија

со шестте илјади мажи што загинаа на нив.

(Веќе две илјади години ги носам на грбот

и си поставувам прашања што воините не треба да си ги поставуваат.)

 

II

Мојата сопруга не беше многу убава,

но беше моја, затоа ја сакав.

Еднаш, во далечната Тракија, ми рече

(кај нас, зимите се премногу студени!)

дека има претчувство дека некоја пролет ќе роди девојче

што би имало усни толку слични на крин,

што оние што ќе ја видат, нема да прашаат за нејзиното име.

Мојата жена честопати зборуваше вакви бесмислици,

а јас не ги заслушував многу,

си ја веднев главата, вршејќи си некаква работа,

додека да ѝ помине занесот

зашто ми изгледаше страшно со црвените коси што ѝ блескаа

уште повеќе од вообичаено во овие прилики.

А сега ми недостасува нејзината визија:

за девојката со кринови усни што расте во снегот

со однапред одредено име и време на раѓање

и покрај сè,

со целосна сигурност;

без трошка сомнеж.

 

III

Искрен да бидам, донекаде сум смирен:

бев страшлив и внимателен колку што можев.

Но кога нашиот план за бегство беше откриен,

веројатноста дека ќе нè убијат беше голема.

Како можев да не се борам толку жестоко?

По опсадата, ме поставија прв,

и кога дури и Везув, синот на Зевс,

толку лесно го совладав,

набрзо се создаде толпа војници

што јурна во битките изговарајќи го моето име.

Не можев да сокријам, тоа ми го хранеше егото,

толку што Крикс и другите веќе не ги ни броев.

 

Некое време ми се сврте в глава дека сум несоборлив,

кроев планови што ќе правам кога би завладеал со Рим:

(со сè: со луксузот, со градовите што ќе го носат моето име и со жените).

А потоа пристигна смртта и ми ги разбистри мислите,

иако, на почетокот, не мислев така;

имаше купишта тела, море од мртви

и секој умираше крај мене, во мене го вперуваше погледот:

очи како широко отворени усти, од кои протекуваа зборови што постојано

кружат како вител, во непрекинлив вртеж,

главно прашања, од оние што себеси си ги поставувам.

 

IV

Не, не знам дали имав друг избор,

не знам дали од оние што умираа околу мене

имаше и такви што можеби ќе живееја

многу подолго, додека не им побели брадата

и ќе ја освоеја или ќе ја купеа слободата

ако беа малку полукави,

помудри, повнимателни,

и ќе си заминеа среќно, безболно, мирно,

(а можеби сите ќе загинеа распарчени

низ бојното поле).

Не знам дали е подобро да си помалку смел.

Не знам дали е подобро лебот на лудилото

да го делиш со другите за да се убедиш себеси,

гледајќи ги, дека има и други што се наситуваат со него.

Не можам да кажам дали е правично

што не ми беше доволно сам да мечтаам.

АвторМањола Наси
2025-06-14T07:55:31+00:00 јуни 6th, 2025|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 156|