ФЕЈСБУК
Во оваа ничија земја
што од самиот почеток ја сфативме како забава,
веќе во секундава двајца се заљубуваат
(Клоди и Вилма, да речеме,
помеѓу нив 27 години и 5 илјади километри што не ги знаат).
Двајца се мразат (тоа се две момчиња)
зашто зборовите не се пишуваат без да се преџвакаат,
ама еве, одеднаш се изговорија.
Двајца, Марко и Линда, се обидуваат да се сетат
дали се сретнале претходно
или, пак, е dejà vu
(всушност, еден на друг си ги виделе имињата во весници
во написите што се обиделе да ги заборават).
Двајца се расправаат за нешто,
едниот од нив е убеден дека Земјата е рамна.
Двајца се чувствуваат како херои:
само што ја поддржаа најтрогателната кауза во моментот
со лајк и со споделување.
Двајца продаваат со насмевка,
очигледно ја нашле вистинската мамка.
Двајца се фалат со авантури
од одмори на места на кои не ни биле
и си разменуваат фотографии
што ги нашле на интернет
додека случајно не ја изберат истата.
На четвртина по четвртина од Земјината топка,
светлата полека се гасат;
лицата се осветлени
само од рефлексијата на екраните
во една небесносина, црвена, сива треска.
Само на профилот на Софија, пензионерката,
нема никаква реакција, на секоја објава само молк.
Таму се наоѓаат само рецепти за готвење
и некролози,
наизменично се редат
храната и смртта:
пилешко на индиски начин,
почина почитуваниот професор Џонс,
овесен колач со урми,
светот ја оплакува познатата сопранистка,
банички со сезонски зеленчук.
Пред екранот Софија
со големите очила
секој ден во рерната става
една тава
и малку смрт.