Токму нежноста и љубовта преовладуваат во последната збирка Дека да („Блесок“, 2015), објавена посмртно, онака како што Игор ја беше оставил во својот компјутер. Во овој своевиден лирски тестамент и проштално љубовно писмо се провлекува впечатокот дека тој е конечно, како што вели и самиот во еден стих, „ослободен од револтот кон светот“. Тој револт некако се смирил со годините: како што вели поетот од тој „вител од спомени од мириси и / сништа поминав, постар / и поумен за сè што било“. Неговиот отпор кон медиокритетите, кон застоеноста, кон неправдите, овде се дестилира и се концентрира во индивидуалниот чин на отпорот на поединецот кој упорно опстојува во својот микрокосмос: „ќе спијам во мојот кревет. за инает / на сите тие претскажувања: за мојата / смрт, за војни, за катаклизми, за сè / што би тргнало наваму-натаму“. И од таа слободна територија на поезијата во која луцидно се беше вселил со насловот на својата прва песна, Игор се иселува во вечноста со стиховите: „одамна веќе / само со себе зборувам во ноќите, надевајќи се / дека некако, на тивко, на топло, ќе ме чуеш … / па да ти почнам денот со насмевка. нежна“.
Некаде погоре ја споменав генерациската одредница на ликот и творештвото на Игор. Но, Игор „остави чудесни траги зад себе. Можеби поголеми од него самиот, поголеми од неговата и онака неспоредлива енергија“ (Гелевски, 2014). Затоа, овде сакам и да кажам: иако неговото поетско писмо е генерациски вгнездено и обоено, тоа успева да ги надмине временските и просторните ограничувања и ги допира и децата на новите транзициски времиња. Верувам дека тоа го покажува и прегледот и прочитот на неговата севкупна поезија во оваа книга. Затоа, овој избор не е само споменар за оние кои го знаеле и го читале Игор, туку и поетско наследство за оние кои никогаш не го запознале, но наишле на неговите песни и во нив виделе нешто што им е блиско, нешто што суштински и длабоко ги допира. Во неговите стихови, тие ги препознале и сопствените времиња на неспокој и неизвесност, но можеби и најсилниот отпор против нив: оној на поединецот кој решава да се спротивстави сам, единствено со упорно и постојано, инаетливо повикување на својот внатрешен мир и со својата одлучност да не прави компромиси и да не се предаде на конформизмот. Зашто тогаш кога сѐ надвор од нас губи смисла, единствената смисла се наоѓа во себеси, во будењето на креативен порив, во оружјето на поетот – зборовите.
Сосема на крај, една лична забелешка: Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи, обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“. Читајќи го Игор во неговата севкупност, ја видов поезијата секаде каде што ја гледал и тој: во секое свое животно искуство (од најбаналните секојдневности до најтрауматските и најдлабоките, како умирањата и раѓањата на најблиските), во хронотопите на урбаното живеење (од креветот и работната маса, па сè до големиот грд град), па дури и во самиот процес на пишување на поезијата (од поривот и помислата на стиховите до нивното механичко запишување). Одново ја почувствував и неговата осаменост („сам сум. вистински сум сам“), и неговата потреба за топла љубов („ни дома имам ни себе се имам / љубов кога немам“), и неговиот страво-копнеж кон смртта („ќе успеам ли да умрам / како што се очекува, или ќе крвавам / до последниот збор“).
Го завршувам своето препрочитување со мислата дека сите зборови собрани овде се всушност една голема света книга, послание за еден фанатичен поетски аџилак, за една целоживотна потрага по душата и во душата на еден поетски аскет, на еден совршен поет.
Дополнителна литература:
Гелевски, Никола. Игор Исаковски – човек на новиот век или скитник низ сокаци. 19.12.2014. [https://okno.mk/node/43196]
Делчева, Илинка, Има сè помалку зборови извадени од џигер (интервју со Игор Исаковски). 10.11.2013. [https://off.net.mk/bookbox/ima-se-pomalku-zborovi-izvadeni-od-dzhiger]
Исаковски, Игор. Blues говорница. Скопје: Блесок, 2006.
Јовковска, Ана. Пулсот и времето. Скопје: Силонос, 2015.
Јуруковска, Александра. Дијалог (радио емисија со Игор Исаковски). Студент ФМ. 17.12.2011.
Јуруковска, Александра. Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура. Скопје: Авант Прес 2018.