Во втората збирка Вулкан-земја („Арена“, 1995) стои дека нејзиното издавање е поддржано од Институтот Отворено општество, потсетувајќи нè на улогата што ја имаше оваа фондација во развојот на современата македонска култура, особено од средината до крајот на деведесеттите години на дваесеттиот век. Три години по дебитантската збирка, оваа книга со свои кратки рецензии ја поддржале и две веќе добропознати книжевни и критички имиња – Ферид Мухиќ и Михаил Ренџов. Во „Моќно“, една од повпечатливите песни во Вулкан-земја, Игор го дефинира својот порив за пишување поезија и како заземјување во здравиот разум и како манифестација на потребата за моќ: „секогаш кога разумот / се заканува / да ме напушти / пишувам песни… / не можеш секогаш да го добиеш она што го сакаш / но песните те залажуваат / те прават моќен“. Присуството на песната „Црно сонце“ во оваа збирка, пак, како и датирањето на песната „Местото е жешко“ на роденденот на поетот, но во 1992 година, го означува она што понатаму се наоѓа во севкупното поетско творештво на Игор – прелевањето на збирките една во друга, како и меѓусебното вкрстено автоцитирање и реферирање на песните. Понекогаш, во претходните збирки поезија се наоѓаат зачетоците на следните, а понекогаш во следните збирки се наоѓаат остатоците на претходните. „Битно ми е да имам концептуално издржана книга… книгата да има своја приказна“ (Делчева, 2013) ќе каже тој подоцна, зборувајќи за процесот на создавање една збирка поезија, во кој најмногу време троши не пишувајќи ги песните, туку „вадејќи ги песните кои не би оделе тука, не сега, не вакви“ (Јуруковска, 2011). Меѓутоа, овој негов пристап значи и дека ниедна збирка никогаш не е целосно затворена, туку постојано се надополнува и се допишува со следната, или, како што ќе каже: „секогаш нешто може да биде подобро“ (Исаковски, 2006). Впрочем, во 2010 година тој одново ја издава Вулкан-земја, овој пат во комбинација со Небо, збирка што првично (за тоа време револуционерно!) ја издава само електронски, еднаш во 1996 година, а потоа повторно во 2000 година.
Збирката Длабоко во дупката (2004) е објавена четири години по второто електронско издание на Небо, за „Магор“, еден од побитните издавачи во тој период, куќа што ќе одбележи цела една ера во македонското издаваштво. Во својот поговор на оваа збирка, Јасна Котеска го препознава исчекорот што поетот го направил со неа, не само во однос на своите претходни збирки, туку и во однос на тековната македонска поетска продукција во моментот на нејзиното издавање. Таа вели дека „во македонската современа поезија, малубројни се ваквите ракописи со дух на жестока, самогенерирана и индивидуална оптика, искреност, енергија и над сè автентична творечка дарба“. Животното искуство на Игор, веќе навлезен во своите триесетти години, се вградува во темелите на поезијата во оваа збирка за чии стихови Котеска вели дека прераснуваат во „поезија-пророштво на нашата сопствена егзистенција“. Во Длабоко во дупката елементите на битништвото (како книжевен правец и животна филозофија) стануваат повидливи и попрепознатливи. Тука, освен темите на отпорот кон општествените (пред сè, малограѓанските и квазиакадемските) норми, има сè поголемо ослободување на стихот и изразот и од (јазична и тематска) цензура и од строга книжевна конвенција. Песните се долги и непречени текови на мислата, со силен призвук на автоматски текстови, често бавни и интроспективни, сосема налик на блузот, музика за која Игор го врзува целоживотна, верна и посветена страст. Најилустративна во таа смисла е можеби песната „Град – грд – крик“, неговиот гинзберговски „Крик“ (Howl): „стара црвена тула по улиците дамки од нафта дамки / од масло дамки / од крв што те потсетуваат каде живееше / ако ова е живот но животот не е / предмет за расправија туку е средство за употреба, / колку вреди во тие / дамки на асфалтот, расфрлани црева / по градските улици / срушени бандери прекинати телефонски линии … / пеколно тешко е да се доживее ден без љубов / а сепак, трае со векови … / сè некако лутам / низ овој / Град-на-лажни-надежи … / во овој град што не ме држи љубовта е една а / боговите се многу“.
Збирката, пак, Стажирајќи за светец („Независни писатели на Македонија“, 2008), објавена еден четиригодишен мандат по Длабоко во дупката, во духот на онаа комплексност на карактерот на Игор за која зборував погоре, покажува дека неговиот поетски пат не е трасиран и праволиниски, како што можеби би се очекувало. Издание на Независни писатели на Македонија (здружение што требаше да биде пандан и противтежа на Друштвото на писателите на Македонија, но живееше релативно кратко), ова е збирка на 36 љубовни песни (1995 – 2001), како што вели поднасловот, надополнети со цртежи на Миро Масин. Оваа збирка може да се чита како своевиден омаж на Дениција од Петре М. Андреевски, љубовната поетска лектира со која растеше (и сè уште расте) секоја генерација македонски поети: „се нурнав во нејзината влажнотија / и во звукот на илјадагодишниот дожд / барав вистински збор за љубовта … / почнав да ја љубам питомо како орел; / секој нејзин здив издишан во далечнините / го сретнуваше мојот каде и да бев / кога ја немав / ја имав во сигурноста на мојот лет“. Впрочем, и самиот Игор во една прилика ќе напише: „јас помислувам на Петре, / (на стиховите полни точна чистотија)“, па овде и тој пишува нежни, копнежливи стихови за таа една, за саканата жена: „мојот ветер во твоите пазуви, / твоите нежни зборови во мојата / душа, се чини дека сè се топи“ или, уште поденициски: „беше тоа ден која мислев / Господе, ќе умрам заведувајќи кралеви / за таа да биде задоволна, мислев / Господе, одамна не сме разговарале … / беше тоа дел / кога мислев / песните за неа немаат крај / и јас и ветрот стануваме едно“.