„Пловам низ просторот ослободен од револтот кон светот“

/, Литература, Блесок бр. 157/„Пловам низ просторот ослободен од револтот кон светот“

„Пловам низ просторот ослободен од револтот кон светот“

(кон Совршен поет[1], собрана поезија на Игор Исаковски)

Годинава, издавачката куќа „Или-или“ го објавува ова, во многу аспекти и поради многу причини, посебно и капитално дело: собраните стихови на поетот, прозаист, уредник и преведувач Игор Исаковски (1970 – 2014). Овој извонреден издавачки потфат се случува десетина години по ненадејната и прерана смрт на Игор, во годината кога тој ќе наполнеше педесет и пет години. Можеби ќе звучи сувопарно ако овој текст го започнам со редење биографски податоци, но во случајот на Игор, тоа е еден неопходен вовед за ние кои го знаеме накратко да се потсетиме, а оние кои не го знаат барем малку да видат колкава беше фуриозноста и големината на неговата креативна сила, и колкав беше обемот на неговото дело. По дипломирањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрира на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Беше визионер и пионер во електронското издаваштво и основач на Културната установа Блесок (www.blesok.mk), каде што работеше како главен и одговорен уредник од 1998 година до својата смрт. Ги подготви првите мултимедијални проекти од областа на културата, М@па (2001) и Babylonia (2004), како ЦД-ромови и интернет страници. Автор е на единаесет збирки поезија (од кои последната е објавена постхумно) и уредник на четири антологии. Преведуваше поезија, проза и есеи од и на македонски, англиски, српски, хрватски, босански и црногорски јазик, како и од словенечки на македонски. Во негов превод (или препев) на македонски се објавени шеесетина книги. Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји. Застапен е во голем број избори и антологии на поезија и проза, во Македонија и во странство. Игор не беше само плоден автор и неуморен преведувач, туку, како идеен творец на Блесок, најстарото електронско списание за култура во Европа, ја ширеше македонската култура низ светот, а светската култура ја носеше во Македонија. Како што може да се види и од оваа книга, беше неверојатно плоден поет кој остави огромен корпус поезија: неговото поетско дело опфаќа цели дваесет и три години, од првата збирка Црно сонце (1992), објавена на негови неполни дваесет и две години, до последната Дека да (објавена постхумно во 2015 година), која ја остави целосно подготвена за печат.

Неколку дена по заминувањето на Игор, во декември 2014 година, Никола Гелевски на порталот „Окно“ напиша: „Во рамките на македонската култура, Игор Исаковски беше човек на новиот век“, а потоа постави и неколку (за оние кои го познаваа Игор, можеби и реторички) прашања: „Што беше Игор? Поет? Писател? Преведувач? Уредник? Директор? Културен работник? Боем? Човек без особини?! Човек со многу меѓусебно судирачки особини?!“ Или (би додала), кој беше и каков беше Игор како поет, како човек, но и како придвижувач на низа општествени и културни процеси? Можеби звучи како клише, но сепак ќе кажам дека е тешко, речиси невозможно да се одговори на овие прашања, иако нив постојано ги поставуваше и на нив постојано одговараше и самиот Игор, и во својата поезија, и во прозата, и во јавните настапи. Меѓутоа, она што може да се каже веднаш и без двоумење е дека Игор беше исклучително комплексен лик, човек во кого постојано се судруваа, се помируваа и одново се судруваа многу контрадикторности. Имаше интензивен карактер, знаеше да биде суров и избувлив, но и исклучително нежен („жеден сум. и нежен“, како што ќе напише). Но, и во суровоста и во нежноста беше искрен и свој. „Знам дека не сум совршен и добро ми е што сум таков“, ќе каже во телевизиско интервју со Ана Јовковска (Јовковска, 228). Беше космополит кој патуваше и имаше пријатели од секаде, но имаше и јасна национална (или подобро речено: национално-јазична) свест: „Јас сум врзан за оваа земја, јас, на крајот од краиштата, што е за мене најважно, зборувам и пишувам на македонски. И Блаже Конески убаво го има кажано тоа дека јазикот е нашата татковина, и вистински е моја татковина“, ќе рече во едно радиоинтервју (Јуруковска, 2011). Игор беше осаменик („сам сум. вистински сум сам.“) со многу пријатели, особено (но не само) писатели, музичари и уметници, со кои бргу се зближуваше и често соработуваше. Нивните имиња можат да се најдат во неговата поезија, низ стиховите во вид на писма, посвети, обраќања и цитирања, а многумина од овие луѓе тој неуморно ги читаше, ги преведуваше и ги претставуваше пред светот, зашто неговиот алтруизам и свест за колективното добро често претежнуваше пред неговиот (за еден творец неизбежен) егоцентризам. Беше и бунтовник против конвенциите (а особено против супремацијата на каноните, во сите општествени области). „Со старите поети ме врзуваат / само слични географски координати / јас сум жар и тотална негација / со доволно самопочит и вишок / молњи и ѕун“ ќе каже уште некаде на своите поетски почетоци. Сепак, постојано, директно и индиректно ќе реферира на своите (веќе канонизирани) книжевни и музички татковци („нека / сум проклет, како Чинго што се урочи“ или „би било добро / Џони да се врати / ако за ништо / барем за оние неколку песни / што секогаш ме потресуваат“). И на крај, во сè што твореше (проза, поезија, превод), Игор беше прецизен пишувач и уште попрецизен читател и на своето писмо и на писмата на другите. Беше брз и обилен во пишувањето, а сепак темелен перфекционист, со особена свест за потребата од зачувување и збогатување на јазикот. „Јазикот мора да живее и да се надградува низ поезија. Многу е важно кога една суштински чиста поезија ќе понуди нови метафори, нови слики, нешто што некој поинаку го видел, доживеал и размислувал со јаснотија“, ќе рече во своето последното интервју од 2013 година (Делчева, 2013).


[1] Насловот на оваа книга е цитат од последниот стих на песната „Додека мочав во домашниот тоалет“ (Ноќта е најтемна пред разденување, 2009) на Игор Исаковски. Во песната од која е преземена оваа синтагма таа е иронична референца на една современа категорија политички коректни, фестивалски познати, естрадни поети со ограничена поетска продукција. Во нашиов наслов, епитетот „совршен“ ја има онаа будистичко-филозофска смисла во која често го користел битникот Џек Керуак (Jack Kerouac), т.е. момент на просветлување, на зголемена, виша свест или на појасно разбирање за светот и за себеси. Иако самиот Игор пишува дека „никој не е совршен, зашто никој не е слободен“ (Blues говорница, 54), сепак, со својот постојан стремеж кон појасна и подлабока интроспекција и својата постојана потрага по целосна креативна слобода, тој сосема го заслужува овој наслов.

АвторЕлизабета Баковска
2025-10-18T22:19:12+00:00 октомври 15th, 2025|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 157|