ОСА ВО КОСА
Оса во коса.
Очите избоцкани
од кактусови цветови.
Критски кашкавал, маслиново
масло од Пелопонез и узо од Тасос.
Мало бротче и насукан поглед.
Прослава на животот –
ракоплескаат очите.
Не помислувам на
битката кај Геронтас.
Ниту, пак, на Кирка додека
го пијам ова магично вино
од кое ќе се направам свиња.
На некои жици висат алишта,
на некои октоподи.
Некој имал куќа на Хидра,
некој бил сопственик
на островот Скопилос.
Но каква врска има тоа со мене?
Се протегаат ножните прсти
ослободени од обувки.
Левитира оса околу
мојата презреана глава.
Зевам со непокриена уста.
Засаден сум во сенка
и зрел за дремка.