ПАЗАР НА МАРИХУАНА
(Кога мене ќе ме нема)
Раскошни тезги.
Позелен од Зелен пазар.
Пребогата понуда од сите
краишта на нашата татковина.
Плодна почва и сончеви денови.
Има и нешто комшиско, за да
има и наше во соседството.
Пукаат пупки. Се шири реа
поинтензивна од онаа на
медитеранските пазари.
Недопушени тестери – може
да пробам едно димче?
Продажбата е ограничена на
грамови (за лична употреба) –
ебига, не продаваат пиперки
(за лична употреба).
Сите се насмеани.
Боб Марли ечи од звучките.
Сè е природно, ништо не е
прскано – велат тезгаџиите
кои не дуваат на работно место.
А има и колачи, пити… Ако има
бурек со спанаќ, зошто да нема
бурек со трева?
Премногу тестери, некои одвај
стигнуваат до дома, небаре на рамо
носат вреќа пиперки за зимница.
Другите претежно летаат.