ВО МОИТЕ ПЕСНИ
ИМА МЕСТО ЗА СИТЕ
Не ви требаат билети,
а камоли резервации.
За сите вас има место во моите песни.
Дојдете какви што сте! Без дотерување,
шминкање, ботокси-мотокси.
Дојдете како ненадејно разбудени,
како ноќе пред легнување!
Лути како рисови и нежни како развигори.
Криминалци, крводарители, политичари,
хуманитарци…
За сите има место во моите песни.
Не сум сликар, но ќе ве отсликам.
Не треба да ми позирате со часови,
доволно е да испиеме по една пијачка.
Спакувајте ми ја интимата, ќе ја распакувам
во песна!
Часовникот отчукува. Лансирањето се
одбројува од десет до еден.
Моето летало само што не полетало.
Не ви требаат билети, ни резервации,
во моите песни има место за сите.