СО ЛУЃЕТО Е НАЈТЕШКО
Со луѓето е најтешко,
особено со оние со кои
зборувате ист мајчин јазик –
никако да се разберете.
Полесно се комуницира со оние
што зборуваат непознат јазик.
„Да, да, така е, нема што!“
Со луѓето е најтешко.
Или се незадоволни или се
презадоволни.
Се обидуваат да проникнат во
суштината на постоењето –
колку залудно изгубено време.
Ако животот е подарен коњ,
тогаш тие се мазги.
Глумење среќа и искрена тага.
Злонамерни се (не сите, фала Богу!).
Треба да се испушти лошата крв, да се
исцица отровот и да се исплука.
Со луѓето е најтешко, особено
со најблиските.
Со нив е најлесно да се скараш
и најтешко да се смириш.