НЕ, СЕКАКО
За што би пишувале
доколку сè е идеално и
беспрекорно? Шангри-ла!
Зашеќерено јаболко во луна-парк.
Семки од тиква на фудбалско дерби.
Пуканки испукани кон филмско платно.
За што би пишувале доколку сите прашања
се одговорени?
Нам ни требаат вечни прашања без одговор.
Кој е Џек Мевосек? Зодијак? Кој ги застрела
Кенеди, Улоф Палме? Кој го повреди
Киро Глигоров, кој го отепал Ченто?
Ние не трагаме по одговори,
туку по прашања на кои
никој жив нема одговор.
Нешто во стилот:
постои ли задгробен живот,
и зошто не?