ЧОВЕК НЕ МОЖЕ КРАЈОТ
ДА ТИ ГО ФАТИ
Сакаш свадби со тепачки
и закопи со смеења.
Не сакаш родендени без дување
и работни прослави без секс.
Не сакаш слави без алкохол,
а богами, ни парастоси.
Уште помалку годишнини од матура
со фалење – кој до кај стигнал.
(Здруженијата се за здружување со
луѓе што не би сакал да ги дружиш.)
Божиќни вечери со кавги, велигденско
оро околу распнато јагне…
Глупави обичаи, се гордееш што се срамиш.
Не постои празнување од кое не би побегнал.
Дружења! Па малку ли се дружеше досега?
Ти треба спокој со гласна музика.
Да те остават на раат додека
се ѕвериш во празно.
Ти треба мир додека
мастурбираш.