Морав неколкупати вистински да се осигурам дека мојот маж спие, па со сандалите в рака, на прсти, додека целото тело силно ми трепереше, го одвртив клучот од бравата, тивко, најтивко што можев ја отворив вратата и исто толку тивко ја затворив, и тоа што го почувствував, што ме преплави веднаш штом се најдов од другата страна, беше: слобода. А за момент, и возбуда од убавото далечно детство.
Последен пат кога отклучив вака, тоа беше една стара и тешка врата што гласно чкрипеше и при најнежен допир, имав шеснаесет години и тогаш првпат добив идеја да ја измамам мајка ми затоа што не ме пушташе да останам до сабајле на еден фестивал на отворено, кај што одев со Ема и со уште неколку пријатели. Во секој друг случај мајка ми немаше да ми забрани, ама два-три дена претходно ми имаше најдено кибритче со трева во фиоката. Иако ми поверува дека тревата не е моја (и навистина не беше), сепак не можеше да биде сто-настотно убедена во веродостојноста на моето тврдење дека тревата е на пријател, ниту во искреноста на мојата желба да останам до сабајле со Ема и со пријатели што не фигурираа во нашиот дом со имиња и презимиња. Овие работи придонесоа мама да се обиде да воведе строгост, што и за двете нас беше нова и непозната стратегија. Ја измамив така што се вратив околу полноќ, се пикнав во креветот и наслушував кога ќе заспие, па некаде околу еден, кога мама веќе грчеше, излегов исто толку тивко низ вратата. Кога се вратив утрото околу пет, надвор веќе се разденуваше, мајка ми седеше во фотелјата во белата долга ноќница, пушеше цигара и кога виде какви маневри изведувам за да влезам незабележано, сфати дека воведувањето строгост и воведувањето ограничен излез не е ни најдобриот ни најпродуктивниот начин да ме заштити од опасностите што беа дел од секое растење и, наспроти сите мои очекувања, ме гушна, и во таа прегратка ја почувствував целата топлина на мајка што си го чекала детето да ѝ се врати дома, ме испрати до креветот за да се одморам, а откако убаво ќе се наспијам, ќе разговараме како возрасни… кога само за момент би можело да поверувам, или само да си замислам дека и сега, кога ќе се вратам, ќе ме чека мама како некаков привид во нејзината бела ноќница, ќе ме испрати до насјигурното место на светот и ќе ме остави да спијам без да се плашам, без да се вознемирувам.
Се симнав по скалите, вториот ризичен дел, уште тивко-тивко и уште боса, клекнав под висината на прозорецот од долниот кат, каде што свекрва ми Даница најверојатно го гледаше нејзиното реално шоу со ококорени очи и намален звук затоа што би пукнал срам пред соседите ако чујат тазе вдовица како во ниедно време и во време на жалост го рокнала телевизорот со забавни содржини и сето тоа беше убаво, и јас и свекрва ми моравме да бидеме тивки така што ниту меѓусебно нема да се слушнеме, ниту другите ќе нè слушнат, а сепак нема да живееме според нивните очекувања. Уште еднаш морав многу внимателно да ја отворам малата порта од дворот и толку беше – конечно излегов од куќата во која живеев и срцето ми се врати во некој помалку вознемирувачки ритам.
Улицата, долга околу двесте метри, од двете страни со куќи што си личеа една на друга, со луѓе во нив кои едни за други, лично или од други, сè си дознаваа, беше тивка, не сосем заспана, ја немаше ни Мара да се врти лево-десно со храна за сите мачки што веројатно во неа гледаа подвижна кујна, завршени беа комшиските седенки низ дворчињата, прибрани беа масите сосе чиниите и шишињата, луѓето беа во своите домови и исто како светлото во нивните соби, полека се изгаснуваа. Имав облечено обични летни панталони и блуза, така што ако налетав на можноста да се разминам со некој познат, ќе изгледав како и секој човек што излегол ноќе до трафика до булевар затоа што снемал цигари, на пример.