(Richard Gaughran, Zoran Ančevski: Change of the System: Stories of Contemporary Macedonia, Skopje, “MAGOR”, 2000)
„Како лесно се создаваат приказните“ А. Прокопиев, „Две жени“
#1 Антологијата на современиот македонски кус расказ насловена како Промена на системот што неодамна се појави во реализација на издавачката куќа „Магор“ од Скопје, инаку дело на тимската работа на господата Ричард Гофран и Зоран Анчевски (обајцата се, патем речено, академски професори), е замислена како репер на македонската литература и култура во светот, бидејќи првенствено им е наменета на читателите од англиското јазично подрачје.
Она што е новина во случајот со споменатата антологија, значи, тоа е нејзината објава не на нашиот мајчин, туку на еден светски ако не и најсветски јазик – англискиот. Тоа што е објавена во нашата средина на друг јазик, оди во прилог на значењето на самиот издавачки проект – укажува, имено, на благородната мисија на литературата да ги премостува границите меѓу народите и културите. „Ниедна литература не ги замрела ниту пак ги заменила другите, но во една циклична и реципрочна игра што опстојува со илјадници години, сите литератури заемно се преведувале и се запознавале себеси, како оние патници што немаат цел да освојуваат или владеат, да менуваат или индоктринираат, туку патуваат за да видат каков е светот и какви се другите луѓе“ – ќе истакне во една пригода современиот италијански компаративист Армандо Њиши. Неговите зборови се илустративни за улогата и функцијата на преводот како творештво, креација, поточно метакреација на книжевното дело во еден нов јазичен и книжевен контекст и во конкретниов случај, споменатите размисли, на мошне убав начин, упатуваат на интегрирањето на македонскиот расказ во европската (и светска) традиција на расказот како жанр.
Промена на ситемот не е прва антологија на македонскиот расказ на англиски јазик, но е прва антологија на расказот од осамостојувањето на Република Македонија. Во светот е вообичаено да се објавуваат антологии од ваков тип (со временска рамка од една деценија); кај нас е вистинска реткост, но токму оваа книга според грижливо презентираниот избор покажува и докажува дека раскажувачката практика кај нас бележи пораст и дека една мала литература каква што е нашата, може да се пофали со една богата продукција – што е, секако, за поздравување; истовремено, овој факт обврзува за милениумот што следува.
Во реализацијата на самиот проект, покрај приредувачите и издавачот, учествува цела една стручна екипа: пред сè, тука се седумнаесетте раскажувачи поместени на страниците на антологијата и класифицирани според најелементарниот критериум – годините на старост: Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски, Митко Маџунков, Васе Манчев, Крсте Чачански, Драги Михајловски, Александар Прокопиев, Стево Симски, Ким Мехмети, Јадранка Владова, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска и Игор Исаковски. Пантеонот, значи, започнува со еден од доајените на современата македонска литература, Славко Јаневски, а се финализира со еден од најмладите прозаисти – Игор Исаковски. Колку за увид во генерациската застапеност на македонските творци упатуваме на тоа дека Славко Јаневски е роден 1920, Игор Исаковски – 1970 година. Натаму, свој несомнен удел во конечното обликување на антологијава има и тимот преведувачи: освен приредувачите – Ричард Гофран и Зоран Анчевски, во преводот на избраните раскази учествуваат уште и: Рајна Кошка и Луси Беднар, а со по еден расказ – Дејвид Боуен и Маргарет Рид.
Резултатот од замислата до реализацијата на еден ваков импозантен проект според обемот и зафатот е издание какво што само може да се посака во секоја библиотека и кое со задоволство одново се зема во раце. Видливо е тоа веќе од самото графичко решение на корицата, од светскиот изглед на оваа светска антологија за кој, патем речено, е искористен фрагмент од сликата „Долап“ на Милош Коџоман. Вниманието на читателот од англиското јазично подрачје веруваме, ќе биде привлечено не помалку и од провокативниот наслов: Промена на системот преземен од истоимениот расказ на Димитар Солев (во кој, со примеси на иронија, се говори за промена на системот на греење) и како што ќе истакне Ричард Гофран во исцрпниот предговор, „насловот нема политички алузии, туку имплицира промена на духот“.
Генерално е прифатено дека кусиот расказ е релативно млада уметничка форма, родена од една стара, можеби најстара форма на книжевно изразување. Може да се рече дека раскажувањето, како и сонувањето, отсекогаш било и секогаш ќе биде составен дел на живеењето. Приказната која лежи во основата на раскажувањето, се одликува со едно суптилно, неопределено и неизречливо волшебство на кое подеднакво му подлегнуваат и оној кој ја создава, и оној кој ја чита. Затоа се вели дека задоволството од раскажувањето приказни е во самото раскажување.
Пионерската улога во одвојувањето на жанрот на кусиот од традиционалниот расказ му припаѓа на Американецот Едгар Алан По (во 1842 година). Во книжевноста на XX-тиот век, развојната линија на мини-расказот води од Хемингвеј и неговата „нова теорија“ (според која неопходно е свесно да се изостави некој дел од расказот за да се потсили ефектот на истиот), сè до кратките фантазмагории на Хорхе Луис Борхес според кој: „Расказот е еден краток сон, една кратка илузија“. Австрискиот романописец Роберт Музил веќе во 1930 година се жалел (во својот макси-роман Човек без својства) дека живееме во период на списанија и дека стануваме нестрпливи за читањето книги. Фрагментарноста, динамиката на живеењето го прават кусиот расказ актуелен жанр и сè попопуларен меѓу читателската публика денес. Борхес и Биој Касарес составиле Антологија на кратки и необични раскази; нашиот Влада Урошевиќ има антологија на кратката прозна форма во француската литература, итн. Антологијата на македонскиот кус расказ Промена на системот од Ричард Гофран и Зоран Анчевски, на тој начин, пројавува извонредно префинет усет за „хоризонтот на очекување“ на современата читателска публика, воопшто, односно успешно кореспондира со книжевниот вкус и клима, или со доминантниот книжевен сензибилитет кај нас и пошироко во светот.
Составена според високи критериуми и стандарди, проследена со предговор и белешки за застапените автори, книгата на Гофран и Анчевски, ни го нуди она „опасно задоволство од читањето“, сфатено во борхесовска смисла. Комуникацијата со книжевниот свет кој пулсира низ страниците на оваа антологија е во знакот на едно специфично созвучје на многуликоста, разнообразноста. Раскажувачката постапка често пати ги менува основните координати: од чистиот реализам во расказите на Димитар Солев или Игор Исаковски (условно речено), преку лирските вињети на Влада Урошевиќ кои се на граница со песните во проза, сè до постмодернистичкиот манир од борхесовски тип (чија поетика подразбира: ерудиција, фрагментарност, колажна техника, алинерна нарација, цитатност) – манир присутен во расказите на: Александар Прокопиев, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска. Или, фолклорната предлошка кај Петре М. Андреевски води, од една страна, до фантастичниот свет на Славко Јаневски, а од друга, до расказите-гротески на Васе Манчев и Ермис Лафазановски. Натаму, лирската сторија кај Ким Мехмети и Блаже Миневски преминува во сон кај Крсте Чачански, Стево Симски и Јадранка Владова, односно во допир со оностраното или игра со времето и просторот во расказите на Драги Михајловски и Митко Маџунков. Постојаната смена на урбаното со руралното, или на реалистичното со имагинарното, како и на лирското со ироничното, напати црнохуморното, на трагичното со апсурдното, историското со псевдоисториското или ерудициското, на статичната нарација со финалниот ефект на изненадување, исто така, се евидентни стилски доминанти во раскажувачката постапка на презентираните автори.
Шареноликоста, разновидноста, хетерогената структура на антологијата Промена на системот претставува адекватна слика на македонскиот расказ (и литература во целина) која со децении грчевито се бори за свое место во големото семејство на светската литература. Со други зборови, наша типична “differentia specifica” е постојаниот копнеж, од една страна, по сопствениот идентитет, а од друга, по дијалогот со светот, со другиот, како би рекол Бахтин. Оттаму, може да се рече дека македонската литература во целина (следствено и расказот како книжевен вид) постојано пулсира меѓу традицијата и иновацијата, меѓу националното и универзалното, своето и туѓото, фолклорното/оралното и современото/трендовското, актуелното и вонвременското. Или, како што вели г-динот Гофран во инспиративните и компаративни согледби презентирани во предговорот, „Македонија е малечка земја, но со длабока и богата култура, нејзините граници се на дофат, но можеби токму затоа копнежот за заминување, за преминување на границите е толку голем“; би додале, исто колку што е голема и зависноста и вкоренетоста во националната почва. Своевремено, Горан Стефановски го именуваше тој типично македонски синдром како „лет во место“.
Оттаму и доминантната тенденција во поголемиот број раскази презентирани во антологијата на Гофран и Анчевски – тенденцијата да се сменат позициите на можното или реалното со невозможното и со непостоечкото. Оттаму и онаа имагинарна метаморфоза на главниот лик од расказот „Опитот на Наум Манивилов“ на Венко Андоновски – во птица. Или, како што вели Крсте Чачански во расказот „Луѓе од слама“: „… има настани што цел живот стојат на границата на возможното и сонот, посакуваното и невозможното и така ќе останат без намера да претежнат и да се начисто“. Токму таа флуидна состојба во која егзистираат поголемиот број јунаци, тоа осцилирање меѓу емпириското и иреалното во една меѓу-состојба на сон и јаве, го илустрира зголемениот интерес на нашите современи раскажувачи за сензибилитетот на фантастичното, ониричкото и ирационалното воопшто, што како специфика, во голема мера, го обележува македонскиот расказ од последната декада, но чија генеза треба да се бара некаде во 70-тите години на XX-тиот век. На тој начин, повторно се остварува своевидниот континуитет (временски след) меѓу минатото и сегашното на планот на раскажувачката постапка, аналогно на обединувачкиот принцип на расказот во и вон антологијата, принцип којшто вонредно успешно е постигнат преку имињата на оние застапени автори кои творат и пред и по осамостојувањето на Република Македонија, а нивниот број не е така мал.
Антологијата дава една по малку поразителна слика за состојбата во македонскиот расказ – подредениот статус на „женското писмо“ во смисла – литература на жени-автори, без никакви феминистички претензии. Расказите на Јадранка Владова и Оливера Ќорвезироска, единствените авторки застапени во антологијата, ако по нешто и се одвојуваат, отстапуваат од доминантниот, условно речено, „машки“ раскажувачки дискурс, тоа е интуитивната моќ или „вештината што ја поседуваат жените“ – како што вели Ана Рихтер – „вештина со чија помош еден стол цути како јаболкница во пролет“; жените знаат – продолжува таа – „како да ја разбијат, сосема природно и скромно, тенката рационална кора, таа строга ќелија во која мошне често се крие длабоката смисла на нештата“.
Драги Михајловски (еден од застапените автори во Промена на системот) има еден расказ насловен како „Антологичар“ (надвор од изборот на антологијата) во кој главниот лик Ричард, Американец, пасионирано подготвува ништо друго, ами антологија на македонскиот кус расказ. Неговото интимно доживување на Македонија преку гласовите на многу добрите автори што ги застапува доаѓа до полн израз во мигот кога го пишува предговорот. Таму, Ричард – фикцијата на Михајловски – вели: „Си мислев колку не е важна големината на земјата. Убеден бев дека ова ќе биде една оригинална книга што ќе го натера американскиот читател да сфати дека постои една друга убавина толку поразлична од американската. Една друга вистина. Малку конзервативна во однос на нашата но, од стилски аспект, нималку понемодерна“. Споменатите размисли ги сметаме за клучни и по однос на претпоставената и очекувана имаголошка претстава на имплицитниот, односно експлицитниот читател на книгата Промена на системот.
Совпаѓањето со името на антологичарот и со подготовките на антологијата на кусиот македонски расказ е игра на случајот или нешто повеќе од тоа? Во крајна линија, тоа и не е толку важно. Важни се дилемите, предизвикот, контроверзните ситуации со кои се соочува еден антологичар од типот на Ричард Гофран или Зоран Анчевски, на пример. Особено впечатливо е доловен оној познат македонски и општочовечки синдром во вакви случаи – неможноста да бидат сите задоволни и сите избрани – преку навредената суета на ситниот и завидлив квази-творец и префрлувањата од типот: „Зошто јас не сум вклучен?“ Драги Михајловски мајсторски ја опишува книжевната жртва на својот јунак Ричард. Неговиот Ричард под притисок на крајно субјективните забелешки на упорниот и амбициозно болен автор, ја прекинува работата врз антологијата непосредно пред финализирањето на двегодишната макотрпна работа и се враќа во Америка.
Тука ни се наметнуваат алузии со едно раширено психоаналитичко сфаќање на литературата како компензација: Вертер се самоубива, но неговиот автор Гете продолжува да живее и твори; Ричард на Драги не ја завршува антологијата, но Ричард Гофран заедно со Зоран Анчевски со несомнен успех ја остваруваат својата благородна мисија – ни нудат книга-свет можеби малечок, лажен или трагичен; свет можеби добро познат, бизарен, опиплив, или пак, апстрактен, претставен, сонуван. Можеби е тоа само еден малечок фрагмент, кој сепак, успева да фрли сенка преку нашиот разум, дух, мисла… Зашто, во крајна инстанца, книжевниот свет од оваа книга се однесува на нас самите, тој нè засега сите нас; сеедно дали сме Македонци или Американци, тој свет упатува на загатката на човековиот дух и живот. Тој свет постои, исто како оној „месечев цвет“ од истоимениот расказ на Ким Мехмети, по чијшто повод неговиот автор лирски топло ќе рече: „Убавината можеби претставува плод на фантазијата, голема измама исто како што е и самиот живот. Но, таа постои.“