МОДЕЛОТ НА ЖЕНСКО ПИСМО ТКАЕЊЕ НА ТЕКСТОТ (ЖЕНСКА ПАЈАЖИНА) ВО РОМАНОТ „КУКЛИТЕ НА РОСИЦА“ ОД ОЛИВЕРА НИКОЛОВА

/, Литература, Блесок бр. 158/МОДЕЛОТ НА ЖЕНСКО ПИСМО ТКАЕЊЕ НА ТЕКСТОТ (ЖЕНСКА ПАЈАЖИНА) ВО РОМАНОТ „КУКЛИТЕ НА РОСИЦА“ ОД ОЛИВЕРА НИКОЛОВА

МОДЕЛОТ НА ЖЕНСКО ПИСМО ТКАЕЊЕ НА ТЕКСТОТ (ЖЕНСКА ПАЈАЖИНА) ВО РОМАНОТ „КУКЛИТЕ НА РОСИЦА“ ОД ОЛИВЕРА НИКОЛОВА

„Куклите на Росица“ е роман со клуч. Андон знае дека Росица пишува, но тоа го премолчува и го чува како тајна. Причината за тоа е да се скрие женскиот глас, да се цензурира женската позиција и да се елиминира женскоста како вредност. Тоа се отсликува во следново:

„Росица сега имаше триесет и седум години и неосетно почна сè повеќе да им се препушта на сеќавањата. Тие не беа ниту лечебни, ниту охрабрувачки, па сепак претставуваа цврста почва, неменливост што смирува. Очекувањата на нејзиното тело да  ги доживее преобразбите што му беа наменети преминуваа полека во некаква тапа болка: тоа не беше болка поради која се плаче или лелека: таа истоштуваше мирно, слично на талог што се стајува бавно и речиси незапирливо, што го препокрива дното, го дебелее и го прави невидливо.“ (Николова 2003: 208)

Росица преку куклите ги изразува сопствените наративни позиции како коментар за историските настани и македонскиот идентитет. Правењето на куклите е вид правење   историја преку исказноста и впишувањето на историјата низ призмата на женскиот субјект.  Ракотворбите на Росица се вонјазично женско писмо преку кое се пренесува гласот на предјазичниот мајчин јазик и искуство. Росица интервенира индивидуално преку  сопствениот и личниот избор на која историска личност ќе ѝ направи кукла и ќе ја презентира  исказноста  на  историјата  онаква  каква  што  ја  гледа  низ сопствените очи. Преку куклите се прикажува субјективното и лично влијание врз историјата. Тоа се огледува од следново:

            „Беше чула таа дека луѓето се фотографираат по Софија: а дали и таа несвесно ги правеше своите кукли за да го зачува тоа што никако не можеше да се зачува, што исчезнуваше како вода меѓу прсти, како сон по разбудување?“ (Николова 2003: 232)

Росица се обидува да си направи кукла на самата себеси, но не успева да ја направи. Не може да се претстави себеси. Може само да ги претстави и фокализира другите гласови во кукли. Приказната е во време кога мажите ја коваат историската мисла и владеат во општеството и ја испишуваат својата историја. Росица како другост низ сопствената оптика ги прикажува мажите, а себеси не може самата да се претстави.  Затоа таа постојано е пејоративно претставена преку другиот или машкиот авторитет што не ја познава и не ја разбира. Преку ова Николова упатува на клучната мисија на женското писмо дека жената мора да се претстави самата себе низ зборови и дела. Таа мора да се спознае себеси и да го впише своето тело во текстот и во историјата. Ликот на Росица низ целиот роман е прикажан само како име, а интересно е што дури на 270. страница од романот; Николова го воведува презимето на Росица. Токму тука се согледува анахронизмот во градењето на приказната  преку сопоставувањето на Росица од почетокот и Росица од крајот на романот. Тука Росица станува  фокализатор  со  внатрешна  фокализација  преку  чиј  глас  се мешаат нараторот и  ликот. Росица Танасковска е поинаква од претходното девојче Росица. Таа одеднаш добива идентитет; станува личност. Таа од пасивен посматрач и маргинален женски субјект станува активен учесник во креирањето на историјата. Токму тука во овој дел од романот се чувствува будењето на субјективноста кај женскиот родов субјект и се осветлуваат женските гласови и пораки во текстот. Таа станува сексуално освестен субјект – преку љубовта кон Андон и кон желбата да се реализира како мајка и да создаде семејство и дом. Ваквото будење на Росица е будење на клучните женски родови улоги на женскиот субјект Росица. Токму тука таа станува родов и сексуален субјект со знаење кое остава одредена историска порака за идните жени. Росица зазема стереотипна сексуална позиција и традиционална родова улога на жена. Таа копнее тивко по љубовта кон Андон и вечно го чека неговиот чекор. Росица има сон да изгради семејство и сопствен дом. Кај неа таквата претстава добива фиктивност. Тоа се гледа во следниов цитат:

„Мислеше: какво ќе биде чедото што таа ќе го роди? Ќе има ли тоа среќа да живее поинаков живот? Живот без страв? И, во своја земја? А Андон, ќе се скроти ли Андон покрај мекото ноџе што самото се пикна в уста, како што беше видела кај Рајчо кога беше малечок? Ќе сака ли Андон најпосле да живее покрај нив, во онаа куќичка на улица „Добруџа“, а таа секое пладне да го чека со детето на раце на отворениот прозорец со перденце што се мавта, за да ручаат заедно од скромниот ручек, но среќни?“ (Николова 2003: 308)

Преиспитувањето на родовите улоги и родовите аспекти е клучно во романот. Машките ликови се ликови со типични машки родови улоги и позиции на: творци; писатели; работници, а женските родови улоги и позиции се прикажани преку ликовите на Кристина и Росица. Кристина како женски лик антипод на Росица не претрпува трансформација на женските родови улоги. Таа зазема традиционален модел на женскост. За разлика од неа, Росица трпи поголеми трансформации, бидејќи зазема преоден модел на женскост што се наоѓа меѓу традиционалните и современите улоги на жената.

Заклучок:

„Куклите на Росица“ на Оливера Николова е модел на женското писмо ткаење на текстот (женска пајажина). Романот ги содржи формално-стилските одлики за женско писмо како écriture féminine на Хелен Сиксу. Абигејл Бреј во студијата „Хелен Сиксу: Пишувањето и сексуалната разлика“, како клучни концепти од теоријата за écriture féminine на Хелен Сиксу ги наведува следниве главни концепти, а кои ќе ги покажеме преку формално-стилските одлики од романот[6]:

  1. Сексуалните разлики како  морфолошки  разлики  се  присутни  во романот преку истакнувањето на разликите меѓу мажите како испишувачи на историјата и жените како потисната или отсутна историја;
  2. Другата бисексуалност – е синтеза на женственост и мажественост. Овој концепт е истакнат преку ликот на Росица која во себе ги интернализира женските родови обележја преку пишувањето и создавањето на историјата;
  3. Женската либидинална економија – желбата на Росица е истакната како желба за љубов; себеостварување; копнеж кон Андон и кон раѓање на глас;
  4. Подарокот – за Сиксу јазикот е подарок за размена, а пишувањето е создавање на таков подарок за размена. Создавањето кукли е подарок како креативен израз на женската моќ;
  5. Женскоста – значи опис на опсегот на општествените и историските наративи кои се мапирани во женските тела, а е субверзија и децентрирање на метафизиките, јазикот и општествените врски. Женскоста е присутна преку ракотворењето како типична женска одлика. Во романот има традиционален и преоден модел на женскост;
  6. Верноста – за Сиксу верноста ја има во обидот преку женското писмо да се покаже љубовна верност кон другиот. Верноста е врска кон другиот, кон објектот или нештото што е напишано. Верноста е изразена преку куклите на Росица како потврда на сопствената вредност и нејзината верност како жена кон љубениот Андон;
  7. Третото тело – е пишување како средба на машкоста и женскоста преку андрогиниот идеал во уметничката визија и преку пишувањето како ангажман со друго тело кое нуди подарок на другоста и произведува различност. Куклите на Росица како наратив се метајазик на различноста преку кој се пренесува идејата дека и мажите и жените се креатори на општеството;
  8. Смеата – е субверзивен чин и афирмација на животот и надминување на смртта преку пишувањето како субверзивен чин на преиспитување на Законот. Смеата како субверзивен чин е присутна во некои јазични метафори преку иронијата;
  9. Смртта – е уништување и деконструирање на старите концепти и дава можност за нов начин на постоење и означување. Смртта на главниот женски лик Росица на крајот од романот означува смрт на стариот концепт на женската асимболичност, отсутност и маргиналност во XIX век и значи ослободување на женскиот глас и  создавање  на  историја  и  култура  обележана  со  женското присуство во новиот XX век;

[6] Bray, Abigale. Cixous, Hélène:Writing and sexual difference. (New Jork: Palgrave Macmillan, 2004).

АвторМарина Мијаковска
2026-04-14T15:31:48+00:00 април 13th, 2026|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 158|