„Не беа само куклите тие што го врзуваа нејзиниот живот со оној на другите: го продолжуваа нивниот, ама го полнеа и нејзиниот.“
(Николова, 2003: 42)
Романот „Куклите на Росица“ (2003) од Оливера Николова е феминистички модел на текст во кој постои освестување и осветлување на женските родови гласови и перспективи во текстот. Овој роман е текст-крик што го создава авторката низ нејзините гради и сензитивниот глас. Романот има формално-структурни одлики на моделот на женско писмо ткаење на текстот (женска пајажина).[1] Овој модел е женски наратив создаден преку клучна архетипска женска фигура на шивачка на кукли и приказни, со висок степен на трансформација на женскоста на ниво на индивидуалност и исказност. Има фрагментарна колажна структура, а присутни се техники на монтажа и колаж.
Како тема, доминантно е распостилањето на конецот на свеста на женскиот родов субјект – немата жена како главен женски лик кој ги шие приказните. Женското писмо како тема е пренесено преку техниката на плетењето или ткаењето. Со темите од женското секојдневие, се прави спој на традицијата и современоста и историјата и современоста. Стилот е деконструктивистички преку кој се прави процеп во традицијата и се рефлектира феминистичката свест. Тоа е традиционален и преоден (современ) модел на женскост и женски наратив создаден преку главни женски ликови.
„Куклите на Росица“ е комплексен роман-река во кој централната нарација преку омнисцентна нараторка во 3. лице го прикажува животот на женскиот субјект – немата девојка Росица која плете кукли и пишува писма. Романот е вид жанровски полимер создаден од амалгамот меѓу: историјата и фикцијата; традицијата и современоста; колективното и личното; идеологијата и фолклорот. Во делото фонот на историјата добива реален призвук преку фикцијата во која се споменуваат вистински историски личности и дејци од историјата на Македонија во периодот на турското ропство. Како ликови во фиктивниот свет се појавуваат историските скулптури на историските јунаци: Гоце Делчев; Теодосиј Гологанов; владиката Натанаил; Петар Поп Арсов; Јане Сандански; Прличев; Шапкарев и други. Структурата на романот е фрагментарна и колажна од вешто извезени сеќавања, историски белешки и фиктивни дејствија. Во централното тематско јадро е сместена приказната што опфаќа три одделно именувани приказни според историските периоди од 1879, 1889 и 1899 година. Секоја од трите глави покажува настани што опфаќаат дел од формирањето на Македонија и македонскиот национален идентитет. Настаните од приказната опфаќаат временска рамка од дваесет години од крајот на XIX век и времето на бурната историја на македонскиот народ.
Романот жанровски може да се карактеризира како историографска метафикција затоа што Николова прави слободна фиктивна игра со историските личности и настани од историјата на Македонија кои ги вклопува и зашива со конците на фиктивниот свет. Преку креативноста на фиктивното распостилање на приказната на Николова, историјата добива жива и невообичаена функција. Историографското е присутно во почетокот на секоја глава и е именувано како Речник на календарската година. Во секој дел постојат историски факти кои подоцна се рефлектираат во фиктивните намотки од текстот.
Росица е тивок субјект кој ја испишува приказната на календарските години од кои дознаваме за историските и општествените случувања во Македонија и Бугарија. Тоа е тивко невидливо женско писмо на тивката маргинална жена која се обидува да изврши трансформација на женскоста на ниво на индивидуалност и на ниво на исказност. Раскажувачката ситуација во романот е во 3. лице, прикажана преку омнисцентниот наратор кој се потврдува себеси како сезнаечки. Оваа постапка на Николова е намерна, затоа што авторката сака преку ваков избор на наратор да ја потврди вистинитоста на фактите во фикцијата. Николова приоѓа кон една необична наративна позиција нетипична за женското писмо. Раскажувањето го спроведува преку нараторка која говори во 3. лице како објективен и нем сведок што одблиску ги набљудува, коментира и ги следи настаните низ сопственото набљудувачко око и како фокализатор однадвор ги прикажува постапките и дејствијата на ликовите. Николова не зазема раскажувачки ситуации во 1. лице како типична наративна позиција за женското писмо, туку се обидува преку 3. лице на омнисцентниот наратор во аукторијалната ситуација да создаде објектифициран и фактивизиран говор. Така таа дава авторитарност и фактичност на историската приказна.
Во романот најмногу доминира надворешната фокализација, бидејќи настаните се видени преку окото и гласот на омнисцентниот наратор и преку ликот на Росица низ чиј фокус се пропуштаат настаните во Софија. Главните конци во приказната се сплетени преку носечкиот женски лик на немата девојка Росица која е нем сведок за настаните и низ чија свест се рефлектира одблесокот на женската позиција во XIX век. И покрај ваквата наративна стратегија, Николова создава моќно женско писмо низ чии конци се огледуваат: историјата и современоста; традицијата и стварноста; машката позиционираност во општеството и женската општествена маргиналност. Интересна е играта со наративните позиции и гледните точки затоа што раскажувањето во 3. лице е само маска на авторката која во суштина прави поврзување и преточување на тој глас од 3. лице – машки глас во 1. лице – женскиот глас на немата тивка жена Росица. Доколку Росица не би постоела, тогаш и читателот би ја разбрал приказната само како објективно пренесена приказна на машкиот глас во 3. лице. Меѓутоа, постоењето на приказната преку ликот и свеста на Росица ја отвора позиционираноста на женскиот субјект, женскиот глас и перспективи во текстот. При анализирањето на женската субјективност во романот, потребно е да се направат интерпретативни анализи кои ќе се темелат врз клучните категории: говор-власт-знаење. Според Мишел Фуко, историјата на сексуалноста е збир од неколку инстанци: „инстанците на создавањето говор (кои разбирливо, управуваат и со молчењата), за создавањето на власта (кои понекогаш имаат задача да забрануваат), за создавањето знаење (поради што често се јавуваат грешки и систематски непознавања).(…)“[2] Важно е исчитувањето на говорот на женскиот маргинален субјект кој низ историјата го има синдромот на „тивката“ жена. Жената како маргинално тело и субјект низ вековите се соочува со константна забрана за израз и јазичен исказ. „Таму каде што се работи за моќ, како во сексуалната политика, дефинициите за ‘природата’ на мажите и жените се постојан извор на борба.“[3] Росица низ фонот на историската метафикција ја изнесува личната историја за еден женски трагизам во XIX век. Женската лична историја во овој период е нема, отсутна и маргинална. Во овој период жените немаат индивидуалност и исказност, а со тоа се општествено отсутни од историјата и општествената стварност. Личната историја на Росица како женски субјект е незабележана и отсутна и токму затоа лесно и бргу се заборава. Женската историја затоа нема траги во фолклорот и пишаната традиција. Немоста на овој лик ги засилува заборавот и исклученоста на жените од историјата затоа што жените немаат пристап до моќта, симболниот поредок. Тоа се согледува во следниов цитат:
„Не погодуваше кумата Шеќеринка дека Росица сѐ уште само го присобира животот околу себе низ звуците што не смееше ни да ги врати, ни да ги упати кон други, а за нежноста учи најмногу во дружба со своите кукли. Таа пак не ѝ зборуваа само за нежноста. Тие беа плод на нејзиниот занес, на вдахновеност и на осознавање, но тие и ги заменуваа луѓето, луѓето со кои сакаше да сподели нешто или да ги разбере подобро.“ (Николова 2003: 59)
[1] Мијаковска, Марина. Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот. (Скопје: ЦКС, 2020).
[2] Мишел Фуко. Историја на сексуалноста: Волја за знаење. (Скопје: ТРИ, 2003), 19.
[3] Глен Џордан/Крис Ведон. Културна политика: Класа, род, раса и постмодерниот свет. (Скопје: Темплум, 1999), 166.