Ристо имаше 27 години кога умре мајка му. Татко му умре по 12 години, а неговиот брат близнак, кој никогаш не ја прежали смртта на брата си, таткото на Ристо, се уби по два месеца. Неговиот син загина 3 години потоа, заедно со останатите членови на својата планинарска група, некаде во австриските Алпи. Точно 35 години претходно, се роди сестрата на Ристо. Таа умре 10 години подоцна, односно 5 години откако се роди Ѕвездана, првата жена на Ристо. Ѕвездана се зеде со Ристо 22 години подоцна, а се разведоа по 6 години и 6 месеци брак. Две години потоа, но сега не во истиот град, Ристо се ожени по вторпат. Неговата втора жена имаше брат кој беше 4 години постар од неа, иако изгледаше како да е најмалку 10 години помлад. Само 8 дена по нивната венчавка, нејзиниот брат падна по скали и си го скрши вратот. Кога го слушна тоа, неговата свршеница, која беше бремена, се онесвести и се струполи на каучот. Тогаш ниту нејзе, ниту на детето – кое беше девојче – не им беше ништо, но по 12 години, на школска екскурзија, девојчето падна во запуштен бунар и се задуши пред до неа да стигне помош. Ристо тогаш имаше речиси 55 години.