Животот се протега помеѓу влезот
и излезот од подземниот паркинг.
А смртта, смртта демне на касата
на излезот за да го наплати билетот и ужасно се лути кога ја
нарекуваат касиерка
(песна „Од некаде…“)
Играта со смртта е трагикомична, како и одборувањето пред детската игра криенка (песната „Последната миженка“) или како шаховската партија (песната „Коњот на ЕФ7“). Сепак, во крајна линија, Скапо е сонцето пулсира во духот на една оптимистичка визија и се одликува со една исклучителна ведрина, дури и кога е апсурдно тривијална. Во оваа поезија Исус е стрип-херој, „денот се мези / ноќта се глода“, полжавот е „бескуќник“, впрочем, како и секој поет.
За среќа, Јовица Ивановски е веќе вдомен во македонскиот поетски Пантеон: тој има свое автентично и препознатливо место како поет на т.н. стварносна поезија кај нас. Во поширок контекст, пројавува сродност со американската, бунтовнички ориентирана поетска школа, во стилот на Рејмонд Карвер (или со бит-генерацијата), а значајна за неговото поетско формирање е и рецепцијата на Ник Кејв (покрај култните Битлси). Во едно интервју („Културен печат“, 17-18 мај 2025), Ивановски дава автопоетички портрет (пандан на лирскиот во песната „Човек, најобичен“, финална во книгата Скапо е сонцето), односно ги посочува квалитетите кои треба да ги поседува еден поет: изострен слух и префинет вкус; љубопитност и моќ на забележување; чувство за правдина и бескомпромисност; љубов кон човештвото и сурова искреност; смисла за хумор и бруталност; богато животно искуство и лоша меморија; и гордост и храброст и порочност и крупна душа; и конечно, стил.
Јовица Ивановски има свој уникатен стил. Тој е поет кој успева, на еден мошне спонтан и транспарентен начин, да комуницира со своите читатели и да ги зарази со „вирусот“ на поезијата.