Една друга константа во поезијата на Ивановски се впечатливите поетски слики. Во оваа смисла, Ивановски има стихови во кои буквално ја третира идентификацијата меѓу сликата и сликарството, па вешто си поигрува со феноменот на купопродажбата на сликите на големите мајстори, иронизирајќи ја, притоа, човековата побуда за престиж, наспроти естетскиот вкус. Илустративна во оваа смисла е песната со парадигматичен наслов „Патот на сликите“:
Сликите (за жал) не бираат на
чии ѕидои ќе висат.
Новите општествени елити!
Низ булки и рози, преку ноќ.
стигнуваат до Чемерски.
Сликите отсекогаш патувале
од ѕид на ѕид.
Неслучајно се вели дека поетот е сликар со зборови, ловец на најминуциозните животни мигови. И во стиховите на Ивановски пулсираат некои мали, ситни, речиси безначајни исечоци од стварноста кои тој умешно, алузивно и метафорично ги визуализира на еден мошне впечатлив начин, како на пример: „Пладнето се топи како ајдамер во рерна“ („Се топиме и ние“); „Ене ја среќата, се разлева / како вода од нуклеарно јадро!“ (Одам!); „Низ таванскиот прозорец над твојата / глава небото плете облаци“ („Неодмотана смотаница); „Денот се топи како мраз во пелинковец“, „Од небото паѓаат ѕвезди како пармезан врз шпагети“, „Се ѕвериш во морето како сончев / колектор во сонце“ (Денот се топи како…); „Сонцето за последен пат / ѕирна од врвот на брдото – / како стар воајер, / како љубоморен сопруг, / како атентатор низ нишан на снајпер“ („Двоѕвездие“).
Ете го во игра сонцето, акцентирано веќе во насловот на книгата. Насловот алудира на една непобитна вистина, која во себе крие многузначност и една исклучителна хуманистичка димензија, својствена и за претходните поетски остварувања на авторот. Сите „тапкаме во место“, „се вртиме“ околу иста топка, околу едно сонце, „исти сме, зашто сме луѓе“ – оваа порака на Ивановски во смисла: сите сме исти под сонцето или сонцето е едно за сите, заговара хуманизам од највисок вид.
Патем речено, првата средба со насловот ми побуди асоцијации со антологиската сцена од филмот на Виторио де Сика „Чудо во Милано“ (1951): кога мал сноп сончева светлина се пробива низ студените облаци, сиромашните „смрзнувачи“ брзаат заедно кон зракот и сите се пикаат под него. Штом ќе се смени текот на облаците и сончевиот зрак ќе се премести, ликовите, сите заедно, повторно трчаат „да го уловат“ и да си обезбедат „место под сонцето“.
Инаку, насловот на стихозбирката е преземен од песната „Летото само што заврши“ каде што читаме:
Скапо е сонцето – ми вели
соседот отспротива.
Точно е дека поскапе,
но само затоа што
ѝ падна цената
на сенката.
Сурова и болна е вистината дека на сенката (овде долу, на земјата), проектирана од страна на сонцето (од небото, од горе) ѝ паднала цената, што ќе рече дека, за жал, човечкиот живот како отсјај, сенка „овде“ и „сега“ станал безвреден, евтин во услови на војни и секакви катастрофи: еколошки, пандемиски, дигитално-виртуелни… и какви ли уште не?! Имплицитно, овие стихови предупредуваат за денешното лудило што владее во светот и чијшто креатор е човекот, за жал. Оттаму и финалните стихови со кои се затвора стихозбирката: „Најобичен човек / речиси ѕвер“. Од друга страна, споменатите стихови за разговорот со соседот откриваат уште една димензија на поезијата на Јовица – дијалогичноста. Во книгата на Јовица „драмска персона“, како што би рекол Т. С. Елиот, може да биде саканата, некој омилен поет, рокер, уметник, или пак читателот, но и лирското „Јас“ и неговиот внатрешен глас – гласот на совеста, на другоста, со еден збор, неговиот повеќедимензионален идентитет. Оттука и прашањето: со кои гласови може да говори еден поет? Несомнено, поетот говори со сопствениот глас, зашто „поезијата произлегува од жиговите на душата, од знаците избоцкани под кожата“ (како што би рекол Слотердајк), но едновремено, тој е и „безличен“ во онаа мера во која говори наместо другите – неговиот глас носи траги од други гласови: „Јас имам единствен дух, во илјада парчиња“, своевремено изјавил Пол Валери. Генезата на гласот во поезијата на Ивановски, според неговите зборови, лежи во сè што прочитал, видел, слушнал, доживеал… „Во моите песни има место за сите“ – ќе рече тој во истоимената песна и ќе додаде:
Не ви требаат билети, а камо ли резервации.
За сите вас има место во моите песни.
Дојдете какви што сте! Без дотерување,
шминкање, ботокси-мотокси.
Дојдете како ненадејно разбудени,
како ноќе пред легнување!
Лути како рисови и нежни како развигори.
Криминалци, крводарители, политичари,
хуманитарци…
За сите има место во моите песни.
Не сум сликар, но ќе ве отсликам.
Во оваа пригода, освен интертекстуалниот дијалог што поетот го води во своите стихови со вистинските, историски личности, со омилените автори и дела од културната меморија, би сакала да ги истакнам лудизмот, алузивноста, симултанизмот, иронијата и автоиронијата како иманентни поетски алатки со кои Ивановски успева да им се спротивстави на сите неволји, како лични, така и колективни. Несомнената смисла за хумор, суптилно се инфилтрира и во стиховите од книгата Скапо е сонцето, во симбиоза со згуснатиот, минималистички јазик и уникатен стил, како одлики кои ѝ даваат аура на автентичност на оваа поезија. Има многу лудизам, многу соништа и многу живот во оваа книга: „А како знаат дека воскреснал / доколку воскреснал само духот? / Ако го снемало телото, тогаш можеби / го украле крадци на гробови (веројатно во медицински цели)“ – читаме во песната „Труп сум за трупови“ која се однесува на воскреснувањето на Исус. Или: „мојата поезија се базира врз неверба. / Врз крв и бруталност, / врз суровост и презир. / Врз бунт, да не речам револуција. / Врз презир кон нечовечното човештво“ (песна „Што е, а што не е…“). Или: „Ние сме, и ќе бидеме, само жители / на мигот – сѐ до последниот миг“ – читаме во песната „Жители на мигот“. Оваа „филозофија на мигот“ што ја заговара Јовица во споменатата песна („Жители на мигот“) е созвучна со Борхесовата песна „Мигови“ и со стиховите кои гласат: „Бидејќи, ако не сте знаеле, животот од тоа е и сочинет, од мигови само“. И навистина: човекот како единка е само еден миг, една точка од безброј точки во низата наречена Живот.